Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мицкоски не очекува турбуленции на пазарот на струја, иако земјава купува над 60 проценти на берза

Иако дел од европските земји најавуваат турбуленции на пазарот со струја, премиерот Христијан Мицкоски не очекува да има значителни потреси во Македонија во текот на зимата.

– Што се однесува до турбуленции на пазарот на електрична енергија во Европа, јас бев меѓу првите уште летоска којшто зборуваше дека како ќе доаѓа зимата, така ќе има потреби да се влече енергија од пазарот во Европа од страна на Украина, бидејќи за жал таму поради руската агресија е целосно уништен електроенергетскиот систем на државата. Сето ова ќе влијае во насока на зголемување на цените на електричната енергија на берзите – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по поставувањето камен-темелник на новото основно училиште „Крсте Мисирков“ во скопската населба Ченто.

Тој додаде дека сепак не очекува да има некои позначителни потреси на пазарот во земјава.

– Од она со кое што располагам како информација, на почетокот на грејната сезона имаме за повеќе од два и пол пати помалку дефекти од она кое што било по принципот како до сега. Она што го имаме како располагање на ресурс во РЕК Битола и во другите електрани е на нивото очекувано за овој период од годината. За жал, хидрологијата е намалена, некаде околу 22-23%, можеби требаше да биде над 30 во овој период но таква беше годината – сушна. Ценам дека капацитетите со коишто располага државата подготвени ќе ја дочекаат и ја дочекаа оваа грејна сезона и не очекувам да имаме некои позначителни потреси на пазарот – рече Мицкоски.

Во насока на консолидација, како што посочи, е и одлуката да не се префрлаат пари на АД ЕСМ, туку самата компанија преку кредит да си ги плати старите долгови.

За ветувањето дека ќе се укине давачката за пристап од 200 денари на сметките за потрошена електрична енергија за граѓаните, премиерот Христијан Мицкоски вели дека ќе биде укината во текот на мандатот на оваа Влада.

Во текот на септември АД ЕСМ им рекордно ниско ниво на производство на струја со само 37,6 отсто, се вели во извештајот кој го објави националниот оператор на пазарот на електрична енергија МЕМО.

Според статистиките државните капацитети на ЕСМ произвеле само 165 гигаватчасови струја.

За споредба во февруари најдобриот месец во годинава се произведени 369 гигаватчасови струја, а во септември лани биле произведени 223 гигаватчасови струја.

Поради слабото производство во септември ЕСМ требало да докупи уште 32 гигаватчасови за да го задоволи договорот од 85 отсто од потребите на универзалниот снабдувач на регулираниот пазар по цени до 120 евра за мегават час.

-Набавки на струја ќе се вршат во согласност со претходно усвоениот годишен план за производство, одговорија кратко од ЕСМ на прашањето дали и колку струја ќе се набавува во следниот период.

Изминатиот период блоковите во РЕК Битола често беа вон функција, а раководството на ЕСМ самото призна дека хидроакумулациите се на ниско ниво. Во моментов нема ниту наоѓалишта на висококалоричен јаглен.

-Во претстојниот период АД ЕСМ ќе набавува вкупно 560000 Т јаглен во согласност со тековните договори со 2 добавувачи, по цена од 470 денари за „GJ“. Со овие количини на јаглен од увоз (Грција), како и со количините на јаглен што очекуваме дека вработените во АД ЕСМ, Подружница РЕК Битола со вонредно вложен напор ќе ги експлоатираат од нашите рудници, ќе продолжи реализацијата на планот за производство за 2024 година, усвоен на 20.12.2023, одговорија од ЕСМ за Рацин.мк.

Иако директорот за производство Зоран Коњановски рече дека третиот блок на РЕК Битола бил блокиран од увезен битуменизен јаглен, несоодветен на технологијата на комбинатоти дека бил пратен на испитувања на факултетот во Штип, сепак во официјален одговор на ЕСМ тврдат дека овие примероци не се испратени, па останува нејасно што се случило со тој јаглен.

Зачлени се на нашиот е-билтен