Премиерот Христијан Мицкоски не ѝ с еизвинува на обвинителката Ленче Ристоска, велат од неговиот кабинет, бидејќи во интервјуто не и го споменал името.
„Слободен печат“ ја праша Владата, дали Мицкоски ќе ѝ се извини на Ристоска откако ја нарече „медиокритет“ и ја потврди констатацијата на новинарката која пак рече дека Ристоска е дел од „клиентелистичко-политичка матрица“ и дали ова е притисок кон неа да го одмрзне имотот на партијата и да се откаже од кривично гонење, од Владата велат дека им е чудно како Ристоска се препознала во интервјуто.
„Во врска со Вашето новинарско прашање, Ве информираме дека Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во интервјуто не ја спомна Ленче Ристоска со име и презиме. Тој говореше за медиокритети, и чудно е како Ленче Ристоска се препозна во тоа интервју“, велат од Владата во одговорот.
Обвинителката побара извинување по неговото интервју за „Вечер“ во кое зборуваше дека по измените на Кривичниот законик кои ги предложија пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, најгласни биле поединци од поранешното СЈО.
„Недостасуваат измените на Кривичниот законик бидејќи некој претходно направил авантура (зборувам за измените на претходната влада) и добро, поднесовме измени до Собранието на Кривичниот Законик. Веднаш излегоа поединци, и тоа најгласен коментатор беше еден поранешен припадник на поранешното СЈО, кој вели дека со овие нови измени се намалувале казните (а претходно немаше никакви казни, ама тогаш не ги слушнавме кога оние ги бришеа комплетно од КЗ) и овозможувале да се досудат, внимавајте, значи они веќе ги осудија луѓево – да се досудат условни казни. Замислете каква им е матрицата на размислување. Пазете, обвинител коментира веќе досудена работа. Бидејќи обвинителот и адвокатот се две спротиставени странки во процесот…
На ова новинарката коментира „Клиентелистичко-политички“, а Мицкоски вели: „Да, и сега јас ја слушам и просто не можам да верувам со каков тип на медиокритети ние имаме работа. Но, во ред, тоа е тоа“.
Ристоска е обвинителка од поранешното Специјалното јавно обвинителство и е единствената што јавно ги критикуваше поднесените измени при што предупреди дека тие се подеднакво лоши, дури и полоши од скандалозните измени од 2023 година. Таа аргументираше дека со измените кои се предлагаат се санкционираат само конкретни дејствија во постапките за јавни набавки и се отвора простор за неказнивост каде што злоупотребите се најчести. Освен ова, се брише одговорноста на службените лица од органите на државната управа, министри и други функционери.
Таа ги критикуваше и измените од 2023 година кои ги нарече „навреда за обвинителите кои искрено се борат со корупцијата“ и беше единствена обвинителка која јавно ги коментираше.
„Измените на Кривичниот законик и тоа како влијаат на културата на неказнивоста која некако се протержира во изминатите години. И Обвинителството, по мое мислење, е ставено пред една неблагодарна и тешка задача. Имаме кратки рокови, таму каде што не е застапена застареноста, тоа експресно да се заврши. Од друга страна, ресурсите се такви какви што се, не ни се унапредени состојбите“, беше нејзиниот став во 2023 година.
ВМРО-ДПМНЕ, владејачката партија, чиј имот е во рацете на обвинителката Ристоска, не и се извини откако ја нарече „тажен симбол за неправда со државни бонуси во служба на Заев и Груби“, а Мицкоски на брифинг со новинарите зборуваше дека земала повисока плата отколку што треба.