Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мицкоски нема план во случај да поскапи струјата иако Регулаторна доби високи цени од МЕМО и МЕПСО

Премиерот Христијан Мицкоски денеска информираше дека месечната инфлација е во негативна вредност и изнесува -0,7 проценти кога се споредуваат октомври и септември, одговарајќи на прашање за ефектите од владините мерки за малопродажните цени и очекувањата за Нова година.

„Министерот за економија веќе остварил комуникација со коморите, е дефиниран списокот на производи за новогодишните празници, како и нивните цени,“ додаде Мицкоски.

Според него, намалувањето на инфлацијата на 0,3 отсто во септември во однос на август и дефлацијата од -0,7 отсто во октомври во споредба со септември, придонесуваат за заштеда на граѓаните од 1 000 до 1 300 денари.

На прашањето за можни социјални мерки против ценовни шокови во случај на поскапување на струјата, Мицкоски истакна дека Владата засега нема информации за покачување на цената на електричната енергија.

„Очекуваме предизвикувачка зима, за што предупредив уште на почетокот на нашиот мандат, со оглед на состојбите во Европа и временските прогнози. Преземавме мерки за заштита од ценовен шок и покачување на струјата, но конечната одлука зависи од РКЕ,“ додаде премиерот.

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) го разгледува барањето за зголемување на цените од енергетските компании, но конечната одлука за новата цена на струјата сè уште не е донесена. Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, посочи дека доставените пресметки од компаниите се високи и за Комисијата неприфатливи.

Според информациите, операторот МЕМО побарал зголемување од речиси 80%, а МЕПСО за 50%. Бислимовски вели дека овие бројки се само дел од факторите кои ќе ја одредат финалната цена. Одлуката ќе зависи и од понудената цена од ЕСМ на тендерот за ЕВН Хоум и од трошоците за покривање на загубите на електрична енергија.

„Голем број на мали потрошувачи се враќаат на слободниот пазар, што создава притисок врз цената. Сепак, сè уште немаме податоци за цените по кои ќе се купуваат загубите,“ рече Бислимовски.

Додека одлуката за новата цена се очекува до крајот на годинава, засега останува евтината тарифа од 13 до 15 часот во денот, од 22 до 7 часот наутро и недела во текот на целиот ден.

Зачлени се на нашиот е-билтен