Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мицкоски несакајќи ја пофали работата на Богоев и неговиот тим во Царинската управа

Во недостиг на лични резултати, премиерот Христијан Мицкоски преку Фејсбук статус ја пофали работата на Царинската управа во месец јули и несакајќи го пофали тимот на поранешниот директор.

-Директорот Бобан Николовски ме извести дека месец јули, Царинската управа бележи рекорд и најдобар резултат од нејзиното постоење со наплатени речиси 12 милијарди денари приходи, напиша Мицкоски.

Николовски на први јули ја презеде функцијата директор на Царинска управа од својот претходник Стефан Богоев, кој на оваа позиција беше од јуни минатата година.

Оваа бројка е висока, но сепак не е недостижна, познавачите на состојбите велат дека на сумата на наплата влијаат многу фактори, како што се инфлацијата и повисоките цени и благодарение на претходниот тренд на зголемување.

-Успехот во висината на наплатата на Царинската управа не е изненадувачки со оглед на тоа што во месец јули се уште работеше тимот со кој соработувавме и низ годините ги подобривме состојбите, вели поранешниот директор на Царинската управа Стефан Богоев на прашањето на Рацин.мк.

Тој додаде дека успехот на било која компанија или пак претпријатие, како и државна институција се должи не само на директорот туку и на сите професионалци кои се вработени.

-Само би додал дека сум зачуден што овој успешен тим иако дал добри резултати, сепак сега е сменет, односно поставени се други кадри на важни функции вели Богоев.

Според официјалните податоци Царинската управа во јули наплатила вкупни приходи од 11,9 милијарди денари, односно 195 милиони евра, што е за 16,6 отсто повисок износ во споредба со истиот период во 2023 година, но Царинската управа во континуитет бележи раст во последната година.

Приходите наплатени од Царинската управа само во првото тримесечје годинава, додека беше Богоев директор, изнесуваат 28,7 милијарди денари, што е 1,9 милијарди денари или 7 проценти повеќе во однос на истиот период минатата година.

Приходите од ДДВ при увоз во првото тримесечје годинава изнесуваа17,9 милијарди денари, или за 4,6 проценти повеќе во однос на истиот период минатата година, приходите од царина се зголемени за 14 проценти, приходите од акциза од енергенти се зголемени за 12,5 проценти, приходите од акциза од алкохол и алкохолни пијалоци за 8,3 проценти, додека од тутунски производи за 6,3 проценти. Наплатата на данок на моторни возила во однос на минатата година е зголемена за 153,7 милиони денари или за 33,9 проценти, споредено со првото тримесечје минатата година.

Во последната анкета на Советот на странски инвеститори, чии резултати беа презентирани во средината на декември минатата година, кога на чело на царина беше Богоев и неговиот тиме, токму Царинската управа е орган од чија работа тие се најмногу задоволни.

Зачлени се на нашиот е-билтен