Два дена пред завршување на „есенската кошничка“ која како мерка Владата ја изгласа за ограничување на бруто-профитната маржа на дел од основните прехранбени производи за 10 отсто во трговијата на мало и на големо, се очекува од почетокот на идниот месец цените на овие производи да се зголемат.
И премиерот Христијан Мицкоски, како и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, најавува воведување поригорозни мерки доколку дојде до зголемување на цените.
Тој најавува дека ќе бидат искористени сите алатки за, како што рече, да биде заштитен стандардот на граѓаните.
-Очекувам заедно со коморите, трговците и со производителите да не дојде до дивеење. Ако дојде до тоа, жестоко ќе реагираме и ќе го браниме стандардот на граѓаните со се што имаме како алатка на располагање, рече денеска Мицкоски во одговор на новинарско прашање.
Се ограничува маржата на 73 прехранбени производи, меѓу нив и на ѓеврекот, бурекот и баничките
Со владината одлука од 20 септември, на листата на т.н. есенска кошничка се 73 производи меѓу кои – леб, тестенини, брашно, пекарски производи како бурек и банички со месо и сирење, млеко и млечни производи, месо и преработки од месо, дел од овошјето и зеленчукот, ориз, грав, масло за јадење и дел од конзервираните производи.
Доколку од 1 ноември дојде до зголемување на цените на основните прехранбени производи и министерот Дурмиши најави воведување на поригорозни мерки.
Тој очекува од ноември да дојде до дополнително намалување на цените со примената на Законот за нефер трговски практики кој предвидува повеќе од 2 500 земјоделски и прехранбени производи да имаат ограничени маржи до 10 отсто.