Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мицкоски пишува писмо, Ралев му ја кажа адресата: Брисел

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека во подготовка е писмо со нови предлози за тоа како да продолжат преговорите со ЕУ. Опозициската СДСМ, пак, вчера излезе со став дека нема да ја кочи иднината на земјава за политичка корист и дека ќе даде поддршка ако се обезбеди одложена примена на уставните измени. 

Мицкоски во саботата најави дека во подготовка е писмото до ЕУ со нови идеи како да се продолжи преговарачкиот процес на државата.

-Писмото до ЕУ е во подготовка, пред да го испратам сакам да имам појасна слика до каде сме и што можеме да направиме, изјави на прес-конференција Мицкоски, во одговор на прашање до каде е подготовката на писмото со кое ќе даде нови идеи за продолжување на преговорите и дали очекува поинаква опција или оптимизам од Унијата.

-Не би се согласил дека нема оптимизам. Не би се согласил со ставот дека таму не постои разбирање за нашите позиции, одговори Мицкоски, додавајќи дека ако не се смени Преговарачката рамка тогаш „најдобро е да прифатиме се и да се избришеме’.

Премиерот минатиот викенд најави дека преку разни институционални канали ќе се обрати и ќе работи со Европската комисија и со партнерите за изнаоѓање решение кое ќе биде достоинствено и согласно националните интереси и повтори оти не прифаќа диктати.

Мицкоски, во врска со информациите во дел од медиумите дека Орбан ќе ги седне на маса него и бугарскиот претседател Радев, рече дека нема информации за средба со Радев во Будимпешта, но оти е подготвен да седне и да разговара.

-Јас немам таква информација, ниту знам за таква средба, но доколку постои иницијатива за таква средба и на 7 ноември и на 17 октомври и на 27 октомври, јас сум подготвен да седнам и да разговарам. Не мора да биде тоа Будимпешта, може да биде каде било да седнеме да разговараме да најдеме решение кое ќе биде решение на долг рок и кое ќе гарантира Копенхашки критериуми, ќе гарантира права, ќе гарантира успех во процесот на преговори, рече Мицкоски.

Опозициската СДСМ, пак, вчера излезе со став дека нема да ја кочи иднината на Македонија за политичка корист.

-Очекуваме премиерот Христијан Мицкоски да ја обезбеди најавената поддршка во ЕУ, која се обезбедува со консензус во ЕУ, за неговиот предлог уставните измени да се применат со одложено дејство, ние апсолутно ќе го поддржиме, рече Филипче во одговор на прашањето дали за СДСМ е прифатлив предлогот за уставни измени со одложено дејство.

Филипче побара премиерот Мицкоски да каже кои се земјите кои го поддржуваат неговиот предлог.

-Премиерот најавува дека има некаква поддршка од некои земји членки во ЕУ, не од сите, а таму знаеме дека одлуките се носат со консензус, дека наводно за нив е, прифатливо да има уставни промени со одложено дејство. Ние упативме отворен апел, повик, да има собраниска седница на која премиерот ќе каже кои се тие земји кои нѐ поддржуваат со тој негов предлог, зашто Собранието е тоа кое носи одлуки и Собранието е место каде се креираат такви политики. Во таа смисла, очекуваме премиерот да каже кои се тие земји, која е таа поддршка, меѓутоа истовремено имаме предвид двајца луѓе кои го демантираат премиерот во тие најави. Прво, неговиот министер за евроинтеграции, Муртезани, кој кажува дека таква работа е неприфатлива за Европската Унија и амбасадорот на ЕУ во нашата земја, господинот Рокас, кој го кажа тоа истото. И, да бидам конкретен, очекуваме премиерот да ја обезбеди таа поддршка, која се обезбедува со консензус во Европската Унија, дека таму ќе прифатат да има уставни измени со одложено дејство и кога тој ќе го обезбеди тоа, ние апсолутно тоа ќе го поддржиме, изјави Филипче.

Според претседателот на СДСМ, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ не само што не ја подобрила преговарачката позиција, како што се најавуваше, туку ситуацијата се влошувала, а краен епилог е одвојувањето на Албанија од Македонија на патот во ЕУ.

Евроамбасадорот Рокас, пак во интервју за МИА, кое е прво негово интервју откако стапи на должност во септември, го повтори ставот на ЕУ дека процесот на пристапување се заснова на едногласност. 

-Дозволете ми да кажам дека, како што знаете, проширувањето е процес заснован на едногласност, ние сме сите свесни за овој предлог на Владата. Мое скромно мислење е дека тешко дека ќе биде прифатен, како што објаснив претходно има став на ЕУ од 27-те членки во овој поглед. Значи, се разбира, од суштинско значење е да се осигураме дека сме свесни за овој контекст. Одлуката за уставни измени е суверена одлука на Владата, и е многу важна, ние имаме огромна почит за тоа како Владата сака да продолжи понатаму и решенијата кои сака да ги постигне, но процесот е сосема јасен, и тој може да биде веднаш и може да се одвива многу брзо и она што можам да го повторам е целосната посветеност за пристапување кон ЕУ, што ја вклучува и Северна Македонија, потенцира Рокас во интервјуто за МИА. 

Во однос на предлогот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, да посредува во разговорите меѓу Скопје и Софија, евроамбасадорот Рокас вели дека не сака да коментира изјави и ставови на земји-членки.

-Ќе ми дозволите да не коментирам ставови, изјави на земји-членки, тоа не е мојата улога. Но она што можам да Ви го кажам се фактите – а тоа е дека во јули 2022 година започнаа пристапните преговори за Албанија и за Северна Македонија, по што почна скрининг процесот што е значаен предуслов пред формалното отпочнување на преговорите. Факт е исто така дека заклучоците на Советот од јули 2022 за Северна Македонија јасно предвидуваат дека земјата треба да ги усвои уставните амандмани и штом тие ќе бидат усвоени, автоматски ќе започне меѓувладината конференција. Значи, ова е јасниот пат, ова е момент на можност, проширувањето е дефинитивно на агендата на ЕУ, така што ние сметаме дека ова е момент за да не се пропушти оваа можност, кажа Рокас за МИА.

Бугарскиот претседател Румен Радев, пак, вчера во изјава за бугарски медиуми кажа дека нема потреба од посредништво во разговорите меѓу Скопје и Софија, за продоложувањето на преговорите на земјава, јави БТА. На прашањето да даде коментар на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека е подготвен да води преговори со бугарскиот претседател, Радев рече дека отсекогаш бил отворен за дијалог, но, според него, треба да се прави разлика меѓу дијалог и преговори.

– Преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија завршија во јули 2022 година, кога двете земји го потпишаа билатералниот протокол за договорот за добрососедство. Ако зборуваме за дијалог, тој треба да се води меѓу Северна Македонија и Европската комисија и тоа врз основа на прифатената Преговорачка рамка за Северна Македонија, која со консензус, едногласно е усвоена од сите земји членки на ЕУ и е прифатена од Владата на Северна Македонија, рече Радев во изјава за бугарски медиуми.

Според него, работите се и повеќе од јасни и дека Северна Македонија треба да ги исполни барањата поставени од Европската Унија, а Бугарија, како што рече, може да помага во тој процес.

Во меѓувреме, Комитетот на постојани претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) го усвои Заедничкиот став на Унијата за отворање на првиот кластер во преговорите за членство на Албанија, со што се овозможува одржување на Меѓувладина конференција ЕУ-Албанија во вторник (15 октомври) во Луксембург, соопшти унгарското претседателство со Европската Унија.  

– Албанија ќе биде првата меѓу земјите кандидати за членство што ќе ги отвори пристапните преговори според ревидираната методологија за проширување, што ќе биде клучен момент за оваа земја од Западниот Балкан, се наведува во соопштението.

Зачлени се на нашиот е-билтен