Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мицкоски по стапките на Орбан, фаворизира трет телеком на пазарот

4иГ и Хуавеј на потпишување на Договорот за стратешко партнерство на 16 октомрви 2023
4иГ и Хуавеј на потпишување на Договорот за стратешко партнерство на 16 октомрви 2023

Според изјавата на Мицкоски, неговата мотивација е да му „стави крај дуополот со трет мобилен оператор“ и „да го заштити стандардот на граѓаните за услугите коишто ги добиваат“, но овие причини се сериозно доведени во прашање заради „протекцијата“ со која се фаворизира омилената компанија на Орбан, која, еве, докажано е, дека е во стратешко партнерство со кинески Хуавеј.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Мицкоски може да се обидува да релативизира со своите изјави дека „се измислуваат преку разно разни приказни таа компанија била во соработка со кинески или не знам какви компании“, но фактите не се на негова страна.

Компанијата 4иГ со која Мицкоски и Николоски се длабоко навлезени во преговори за влез на оваа компанија на македонскиот пазар, не само што соработува „со кинески или не знам какви компании“, туку има воспоставено директно стратешко партнерство со кинеската компанија Хуавеј.

Компанијата 4иГ за договорот со Кинезите извести на својот ЛинкдИн профил на 16 октомври 2023, кога се потпиша Договор за стратешко партнерство на 20 години со Хуавеј.

Подоцна, Петер Фекете, извршен директор на 4иГ, во информација за „Унгарија денес“ ја образложуваше оваа „зделка“ со кинески Хуавеј како усогласување со стратегијата на компанијата за зајакнување на односите со меѓународните партнери и проширување на деловните можности.

Во таа информација тој појаснува дека „партнерството со Хуавеј има за цел влез на нови пазари и да привлече нови клиенти во приватниот сектор за виртуелни услуги облак во Унгарија и пошироко. Соработката ќе ја искористи напредната технологија на Huawei за да обезбеди центар за податоци на високо ниво“.

Влез на компанија која е во стратешко партнерство со Хуавеј и која ја користи напредната технологија на кинеската компанија за да обезбеди центар за податоци на високо ниво“ е сосема спротивно на стратешките интереси на Северна Македонија и се коси со домашното законодавство според кое земјата ќе набавува современа 5Г технологија исклучиво од доверливи добавувачи меѓу кои не спаѓаат кинеските гиганти и особено Хуавеј.

Северна Македонија уште пред 3 години во Законот за електронски комуникации утвврди дека телекомункациските оператори ќе набавуваат опрема исклучиво од проверени и кредибилни добавувачи.       

Според овие одредби операторите при набавката на мрежната опрема треба да имаат пристап за избор на различни добавувачи и производители на опрема, имајќи ги предвид техничките ограничувања и барањата за интероперабилност на различните делови на мрежата, со цел да ja избегнат или да ја ограничат зависноста од еден добавувач и производите.

При набавката треба да се користат ЕУ – сертификација за компоненти на мрежата, опрема за корисници и/или процеси на добавувачи и производители, како и ЕУ – сертификација за други не – специфични ИКТ производи и услуги.

Она што особено го нагласува законот е дека телеком операторите мора да го имаат предвид вкупниот ризик на влијание врз снабдувачот и производителот од трета земја, особено во врска со: системот на управување, со постоење на договори за соработка во областа на безбедноста или сродни договори, како што се одлуки за усогласеност во областа на заштитата на податоците, како и тоа дали земјата е страна на мултилатерални, меѓународни или билатерални договори за сајбер безбедност, борба против компјутерски криминал или заштита на податоци.

Подоцна Агенцијата за електронски комуникации донесе и соодветни подзаконски акти. Измените беа донесени откако во октомври 2020 г. Северна Македонија потпиша меморандум за соработка со Владата на САД (во претседателскиот мандат на Доналд Трамп) кој предвидува пристап на „чисти“ и доверливи производители на 5Г-мрежи.

Затоа на најавата дека Владата преговара со телеком компанија која е во стратешко партнерство со кинески Хуавеј реагираа и од амбасадата на САД.

„Веруваме дека владата ќе продолжи да го штити интегритетот на мрежата, да избегнува недоверливи добавувачи на хардвер и софтвер и да обезбедува сигурен и етички 5Г-екосистем во Северна Македонија“, порачаа од Амбасадата на САД во Скопје во изјава за порталот 360 Степени.

Секако е тешко да се прифати дека во Владата на Мицкоски не го знаат сето ова, но, еве и покрај реакциите на јавноста, со овие изјави потврдуваат дека продолжуваат да отвораат простор за влез на унгарски 4иГ на македонскиот пазар.

Сетоа тоа потсетува на постапките на Виктор Орбан, кој откако не успеа да го преземе Маѓар Телеком во 2018 година, бидејќи Дојче Телеком не сакаше да се откаже од мнозинскиот пакет акции во најголемата унгарска телеком компанија, започна процеси со кои ја фаворизираше 4иГ, која многу бргу со дарежлива финансиска поддршка на Владата стана значаен играч на ИТ пазарот во Унгарија.

Својата доминација на телеком пазарот 4иГ го круниса во 2021 година со аквизицијата на компанијата Invitech. Вредноста на Invitech се должеше на фактот што имаше стабилна база на клиенти која броеше илјадници компании, а имаше и една од ретките основни мрежи во земјата што ја покрива целата земја и без која не може да работи национална телекомуникациска компанија.

Сопственик на Invitech беше инвестициски фонд кој работи во Централна Европа, за кој најголем дел од средствата беа обезбедени од кинеската држава, но и Унгарија учествуваше како малцински инвеститор со околу 7 отсто во акциите преку државната Eximbank.

Така, 4иГ, која според истражувачките новинари од Директ36 стана омилената компанија на Виктор Орбан, која според независните експерти има за цел да собира големи количини информации.

Според изјавата на Мицкоски, неговата мотивација е да му „стави крај дуополот со трет мобилен оператор“ и „да го заштити стандардот на граѓаните за услугите коишто ги добиваат“, но овие причини се сериозно доведени во прашање заради „протекцијата“ со која се фаворизира омилената компанија на Орбан, која, еве, докажано е, дека е во стратешко партнерство со кинески Хуавеј.

Треба да знаете
Moже да ве интересира