Мицкоски полн со разбирање за случајот Кузмановски

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека разрешениот директор на Клиниката за неврологија, д-р Игор Кузмановски, имал „момент на слабост“, по објавувањето на видео на социјалните мрежи во кое се гледа како меша бела прашкаста материја и говори со асоцијации за кокаин. „Тоа што се случи – се случи, и не треба да се враќаме на тоа“, рече Мицкоски при посетата на ТОАРИЛУЦ, додавајќи дека Кузмановски има „импозантна биографија“ и дека Владата реагирала веднаш по појавата на материјалот.

Министерот за здравство Азир Алиу го разреши Кузмановски неколку часа по објавата на видеото, а потоа соопшти дека Лекарската комора известила оти докторот има истечена лиценца (15 март 2025). Алиу најави инспекциски надзор и проверка во „Мој термин“ дали во периодот без лиценца работел со пациенти. За директор на Клиниката е назначен д-р Јован Божиновски.

Во одделни изјави, Алиу наведе дека работни групи веќе синхронизираат 12 здравствени закони и дека меѓу опциите за разгледување е и евентуално воведување токсиколошки тестирања за здравствени работници. Деталите и можните санкции, како што кажа, би произлегле од правна анализа во рамки на законските измени.

Мицкоски, на новинарско прашање дали ќе бара одговорност поради тоа што министерството именувало директор без важечка лиценца, одговори дека Владата постапила „веднаш“ и дека прашањето за личниот пад на Кузмановски го смета за „негова приватна работа“.

Зачлени се на нашиот е-билтен