Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски, денешното обраќање по повод празникот на Македонската револуционерна борба го искористи за да испрати порака до опозицијата во врска со барањето за предвремени парламентарни избори. Одговорот следува откако неговата партија на првиот круг од локалните избори изгуби околу 150.000 гласови.
Во таа насока Мицкоски истакна дена нема да има предвремени парламентарни избори како што бараше опозицијата.
„Нека внимаваат што зборуваат и што посакуваат – може и да им се оствари. Последните избори испратија порака и до нивниот коалиционен партнер – ДУИ. Тие добија порака од народот и Албанците дека доста беше политиканство и злоупотреба на етничките теми за лични интереси и богатење. И овој резултат се случи затоа што тие не разбраа дека додека се занимаваат со орли, јастреби и зајци, народот е уморен од чекање за подобар живот- живот што граѓаните 20 години не го добија со таа политичка партија. Го чув и нивното барање за предвремени парламентарни избори. Тие се надеваат на тоа за да се спречи падот што евидентно го имаат, а таа удолница што ја фатија е поголема од онаа што се оди од Стража кон Зајас. Сите оние што се надеваат дека со етноцентрични теми ќе добијат нешто во политиката, нека го видат и нека научат од примерот на падот на ДУИ, ќе разберат на што мислам. Тоа е добра лекција и за други политичари на македонската политичка сцена, кои мора да разберат дека за да бидеме коалициони партенри треба да се обединиме на овие избори и да поддржиме вредности, а не да се поделиме за етнички теми и прашања, низ призмата на шовинизам и слични етнички процедурални разлики. Ако тоа е така, тогаш апсолутно не ја гледам разликата нив и Али од Зајас, кои сакаат да го заменат“, посочи премиерот.
Мицкоски потенцираше дека силата на државите што се напредни се мери во нивното единство. Т‘ој најави и борба за повисок животен стандард.
„Во периодот што следи, Владата има една и главна цел, а тоа е битката и борбата за животен стандард и за подобар живот. Сакам да знаете дека никогаш не престанавме со оваа цел и за тоа работевме дури и во периодот на избори, за што вчера од Лондон носам добри вести за нова инвестиција. Потпишавме меморандум за разбирање со американско-британската компанија која ќе инвестира во наменската воена индустрија во Македонија до 150 милиони долари. Ќе имаме нови високоплатени 1.000 работни места, и ова е само почеток на оваа инвестиција која подоцна ќе се развива и ќе стигне до една милијарда евра. Ова ќе биде додадена вредност за македонската економија. Не чека многу работа, а наредната година навистина посакувам да биде година на економијата. Година кога народот ќе почувствува повеќе пари во паричникот, а за тоа како Влада ќе сториме се за да се случи. Подобриот живот е битката на нашата генерација, и тоа мораме самите да го обезбедиме со свои сили. Никој тоа нема да го направи за нас од надвор“, истакна тој.
Порача дека мора да ја направиме македонската економија поконкурентна и со повеќе додадени вредности.
„Борбата за секој работник е моја борба и тоа ќе биде приоритет број еден. Следува време на економија и борба за стандард. И тоа ќе биде нашата главна задача. Поминаа повеќе од еден век откако неколку млади луѓе во Солун ја запалија искрата на македонската револуционерна мисла. Но нивниот дух не остаре. Тој дух живее во секоја генерација што верува дека слободата не е подарок, туку одговорност. Живее во секој човек што не прифаќа неправда, во секој граѓанин што верува дека оваа земја заслужува повеќе. Зашто ВМРО не е само страница во историјата- тоа е корен, идеал, тоа е завет. Организацијата што ја израсна оваа држава. Школата во која се научивме што значи да се биде чесен, да се биде храбар, да се биде свој. Денес, тие погледи од портретите во музеите не нè гледаат со гордост ако ние не ја продолжиме нивната борба, а тоа е борбата за достоинствота, за правдата, за македонско сонце што никогаш не заоѓа. Затоа, овој ден не е само спомен. Тој е повик. Повик да бидеме подобри. Да бидеме народ што ќе ја гради својата иднина со иста решеност со која тие ја започнаа својата борба“, истакна Мицкоски.