Мицкоски после театарот во собрание: Не може ништо да направиме ќе чекаме избори

Процедурата за смена на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски се става во мирување додека трае предизборниот период. Премиерот Христијан Мицкоски објасни дека, откако Собранието ќе ги распише изборите (според прогнозите – до крајот на следната недела), секое дополнително именување или разрешување е законски стопирано.

„И да сакаме, не можеме да продолжиме пред изборите. Сè е блокирано додека трае кампањата, а процесот ќе го обновиме во ноември,“ изјави Мицкоски.

Претседателот на Владата потсети дека сличен вакуум веќе се случи со членовите на Судскиот совет: и покрај изгласаната недоверба, тие останаа на функциите. Исто така, и евентуалната оставка на Коцевски би ја оставила институцијата во административен лавиринт, бидејќи избор на наследник за време на изборна тишина би бил спротивен на законските одредби.

Интерпелацијата против обвинителот ја покрена Левица, обвинувајќи го за селективни постапки во истрагата за пожарот во Кочани и за политички влијанија во Вишото обвинителство. За опозицијата, пролонгирањето е „одржување на статус кво“, но распишувањето избори диктира нова временска рамка: сите очи сега се свртени кон ноември, кога процесот официјално би се рестартирал.

Зачлени се на нашиот е-билтен