Мицкоски повторно во Будимпешта

Премиерот Христијан Мицкоски денеска повторно е во Будимпешта, каде што предводи шестчлена владина делегација во политичко-економска посета на Унгарија. Во агендата е средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, а теми на разговор се билатералните односи, економската соработка и актуелните регионални и европски прашања.

Покрај средбата со Орбан, Мицкоски треба да се обрати и на бизнис-форум во Будимпешта под наслов „Ден на деловна соработка помеѓу Унгарија и Северна Македонија“, каде, според најавите, ќе се разговара за нови контакти и можности за продлабочување на соработката меѓу компаниите од двете земји.

Во состав на делегацијата се вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, генералниот секретар на Владата Игор Јанушев, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Рефик Џемаили, директорот на ТИРЗ Гоце Димовски и директорката на Агенцијата за иновации Даниела Димовска.

Ова не е прво патување на Мицкоски во унгарската престолнина откако стана премиер. Во март 2025 во Будимпешта се одржа унгарско-македонски владин самит, со тет-а-тет средба со Орбан и заедничка седница на двете влади, а во мај истата година Мицкоски повторно беше во Унгарија на конзервативната CPAC конференција.

Зачлени се на нашиот е-билтен