Од овие половина милијарда кои ќе ги земеме како кредит од Унгарија, трошоците кои ќе ги платиме за правни услуги ќе не чинат 70.000 евра, објави денеска премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за Законот за кредитот од Унгарија.
Дел од медиумите забележаа дека на товар на Македонија ќе бидат трошоци за провизија и правни услуги на приватна фирма која ќе ја избере Унгарија.
Мицкоски нагласи дека од 500 милиони евра колку што е заемот, овие 70 илјади евра се 0,1%.
-Законот е рамките на собраниската процедура. Од него можете да видите дека сето тоа што кажавме е содржано во законот – 3,25% каматна стапка, имаме три грејс период, развоен закон, 12 години рок на отплата, половина ќе оди кај бизнисот и проекти за општините…Тоа што го ветивме, тоа и го исполнуваме, рече премиерот на прес-конференција во Владата.
Како што се наведува во придружното писмо, со кое премиерот го испраќа предлог-законот до Собранието, Владата го утврдила текстот на предлог-законот на седницата одржана на 3 септември, како и дека Владата предлага Предлог законот за задолжување да се носи по скратена постапка.
Задолжувањето од официјална Будимпешта беше една од првите работи која што ја најави тогаш уште мандаторот Мицкоски, со тоа што првично кредитот требаше да изнесува една милијарда евра. Претходно, од Владата беше посочено дека половина од средствата, односно 250 милиони евра, ќе бидат наменети за финансирање проекти за општините, а другите 250 милиони евра за поволни кредити за компаниите.