Мицкоски во изјавата за медиумите не сакаше да зборува за детали бидејќи, како што рече, станува збор за класифицирани документи и оти очекува луѓето кои го прислушувале да се најдат зад решетки.
„Не би можел да зборувам за деталите бидејќи тоа е државна тајна, така е класифициран тој документ, документи, но едно е факт дека двете агенции и Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност темелно се занимавале со, во тоа време, најголемата опозициска партија, со мене. Меѓудругото и со новинари, бизнисмени, така што да оставиме периодов да тече, да оставиме обвинителството што ќе каже, судиите нормално, во еден судски процес. Јас сум навикнат веќе. Навикнат сум на таков тип на луѓе и не ме изненадува тоа бидејќи и тогаш стигнуваа до нас информации што се се случува. Едноставно, таков тип на луѓе, јас би ги нарекол полусвет немаат во животот доволно мотив да се занимаваат со убави работи, се занимаваат со туѓите животи. Мислат дека на тој начин ќе добијат некаква пофалба, некаква предност пред нивните наредбодавци и ќе напредуваат така во кариерата“, рече Мицкоски.
Секоја работа, додаде тој, има свој почеток и свој крај.
„Очекувам овие глодари да завршат онаму каде што им е местото, позади решетки, еднаш засекогаш да се стави крај на злоупотребата на ваквиот тип на агенции и ресурсите со кои тие располагаат“, рече премиерот.
Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски изјави дека „таканаречената реформирана АНБ во 2019 година била се, но не била реформирана институција“.
„Повеќе било фасада од реформирана институција. Тоа што се случувало внатре било да една помала група составувајќи ја од еден поранешен директор и помала група вработени и тоа како имаме индиции дека ја злоупотребиле својата службена положба. За истото е известено надлежното јавно обвинителство и повеќе детали за ова не би можел да споделам, се со висока квалификација и се сензитивни, и не би сакале да нарушиме некој законски процес и воедно да попречиме процес кој е или би бил отпочнат од јавното обвинителство“, рече Христовски.
Овој ден, како што кажа, повеќе го гледа како ден со кој раскрстуваме со минатото, ден со кој што даваме порака до сите што некогаш се дрзнале да ја злоупотребат својата службена положба, повеќе да не го прават тоа.
„Се надеваме дека доколку се докаже вина кај тие за кои ние го имаме известено јавното обвинителство, ќе одговараат за тоа и дека веќе никогаш нема да се повтори незаконско, непрофесионално и неетичко работење во агенцијата“, рече Христовски.
Директорот на АНБ не сакаше да одговори колкумина се прислушкувани упатувајќи на јавното обвинителство.