Мицкоски за предлогот на Филипче: Да го видиме документот, па ќе дадеме наш инпут, во минатото декларациите на СДСМ беа само обично слово на хартија

Премиерот Христијан Мицкоски прашан за коментар за резолуцијата со црвени линии што СДСМ најави дека ќе ја достави до Собранието рече дека нема добиено никаков документ, но остава да види што е тоа ново што ќе понудат од опозициската партија, па вели, ќе дадат свој инпут.

„Да го видиме документот, јас тоа велам да го видиме документот којшто ќе го поднесат. Се надевам дека ќе дозволат и ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група од владејачката коалиција да дадат свој инпут на сето тоа. Да го видиме документот, да видиме што е тоа што ќе понудат ново“, вели Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за предлогот на Венко Филипче, попладнево во Клубот на пратениците каде присуствуваше на одбележувањето на 1 септември – Денот на Агенцијата за национална безбедност.

Премиерот Мицкоски додаде дека многу такви декларации предложени од СДСМ се само обично слово на хартија и воопшто не се почитувале.

„Иако мора да кажеме дека во минатото декларациите на СДСМ се декларации коишто на крај завршуваат како обично слово на хартија, воопшто не се почитуваат. Имавме многу такви декларации во минатото како што кажав, но за жал СДСМ сето тоа коешто го декларира апсолутно не го почитуваше кога имаше кревка можност да управува со владата. Така што еве да го видиме тој документ, па да дадеме и ние наш инпут врз основа на тоа што ќе го видиме“, изјави премиерот Мицкоски. 

Зачлени се на нашиот е-билтен