Мицкоски се извини што ја поддржал Данела Арсовска, грешката нема да се повтори

Премиерот Христијан Мицкоски призна дека чувствува одговорност за поддршката што на минатите локални избори ја даде на актуелната скопска градоначалничка Данела Арсовска, во контекст на актуелниот хаос со ѓубрето во главниот град.

На новинарско прашање дали се чувствува одговорен за „екоцидот што му се случува на градот“, Мицкоски не даде директен одговор, туку повика невладините организации – а дури и новинарката што го поставила прашањето – да поднесат кривична пријава против него, истакнувајќи дека, според Кривичниот законик, екоцид е кривично дело.

„Бидејќи вие лоцирате дека јас сум одговорен за овој екоцид, ве молам веднаш да поднесете кривична пријава, бидејќи ако не поднесете, тогаш ќе сметам дека ова е шпекулација“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека грешката со поддршката за Данела Арсовска нема да ја повтори и увери дека на претстојните локални избори, закажани за 19 октомври, нивниот кандидат Орце Ѓорѓиевски ќе победи уште во првиот круг.

„Чувствувам одговорност што тогаш ја поддржав независната кандидатка. Да, чувствувам, и сум се извинил најмалку 10 пати. И еве повторно ќе кажам – се извинувам што тогаш застанав зад независниот кандидат Данела Арсовска. Таа грешка нема да ја повториме. На следните избори ќе победи Орце Ѓорѓиевски уште во првиот круг и како што самиот се обврза пред скопјани, во првите 72 часа ќе ги засука ракавите и ќе го исчисти градот од смет“, изјави Мицкоски.

Премиерот потсети и на случајот кога градоначалниците од скопските општини се обиделе сами да се организираат за чистење на градот, но биле спречени од раководството на депонијата „Дрисла“ и дури добиле кривични пријави.

Мицкоски истакна дека за хаосот со ѓубрето ќе има одговорност и дека процесот што се води ќе има „име и презиме“. На прашање дали МВР спроведува истрага во „Комунална хигиена“ заради неисполнување на должностите, премиерот одговори:

„Ние не правиме естрада од ништо, водиме политика многу внимателно. Процесите што се водат имаат одговорност и на крајот тој процес мора да има име и презиме. Бидете сигурни дека ќе има одговорност и ќе има име и презиме.“

Зачлени се на нашиот е-билтен