„Добар ден Македонијо, добар ден од Давос“. Вака премиерот Христијан Мицкоски го зпочна своето видео обраќање од Давос каде пристуствува на Светскиот економски форум, кој оваа година се одржува под мотото „Во духот на дијалогот“.
Тој ги информира македонските граѓани дека на многубројните средби кои ги имал со претставнците на мултинационани компани биле претставени можностите за инвестиции во македонската економија, како додадена вредност за граѓаните на земјава.
Мицкоски со посебен акцент се осврна на панелот за енергетика, кој се одржал во втората половина од денешниот ден, а на кој, како што вели, бил активен учесник и говорник заедно со секретарот за енергетика на Соединетите Американски Држави (САД), Крис Рајт. На панелот, како што посочува Мицкоски, учествувале светските предводници во енергетскиот бизнис, односно компании што доаѓаат од сите континенти и кои имаат обрти на средства од илјадници милијарди.
„Таму разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката во годините коишто следат, енергетиката од областа на производство на електрична енергија“,вели премиерот.
Тој издвојува три заклучоци што произлегле од панелот на кој се дискутирало за енергетиката.
Првиот, како што наведува, е дека во годините што следуваат потребата од енергија во светот ќе расте, а за два и пол пати побргу ќе зголеми потребата од електрична енергија.
„И тука ние како Македонија, како држава, не смееме да бидеме нем набљудувач, туку треба да бидеме активен чинител и активен учесник и тука повторно ќе треба да ги рестартираме сите оние можеби заборавени енергетски проекти од минатото како што се ‘Чебрен’ и ‘Галиште’, ‘Бошков Мост’ и останатите, и да го понудиме потенцијалот за инвестиции во обновливи извори на енергија на голем број од инвеститорите коишто покажаа несомнен интерес во дискусиите после завршувањето на панелот“,вели премиерот.
Вториот момент, кој според Мицкоски е исто така значаен, е тоа што во следните десет години на светско ниво треба да бидат изградени капацитети што ќе произведуваат вкупно 40 000 терават-часови електрична енергија. Како илустрација, премиерот вели дека тоа е пет и пол илјади пати повеќе електрична енергија од она што сега го троши Македонија и приближно онолку колку што САД, Канада, земјите членки на Европската Унија и Јапонија сега трошат заедно.
Потребата за драстично зголемување на производството на електрична енергија, како што образложува премиерот, ја наметнува развојот на вештачката интелигенција, чии центри за податоци или т.н. дата-центри за напојување користат токму електрична енергија. Според премиерот, ова е третиот заклучок што произлегол од денешната панел-дискусија за енергетиката.
Во тој контекст, Мицкоски посочува дека ние како држава треба бидеме во чекор со тие промени и во таа насока да ја развиваме нашата економија.
„Од економија којашто се темелеше на развој на автомобилската индустрија, да го диверзифицираме своето портфолио и да бидеме значаен чинител имајќи ги предвид перформансите и потенцијалот коишто го нудиме во дел и секторот на енергетика. Јас сум убеден дека тоа како држава можеме да го направиме, јас сум убеден дека ние како држава ќе успееме во таа намера“,наведува премиерот Мицкоски.
На форумот, според најавите, се очекува да учестчвуваат над 65 шефа на држави и влади, со цел изнаоѓање решенија за најгорливите глобални предизвици.