Мицкоски се пишмани, сега не сака избори

Мицкоски

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, порача дека фокусот на Владата не се изборите, туку реформите и проектите, најавувајќи лидерска средба со лидерите на парламентарните партии на 14 јануари напладне во Клубот на пратениците. Според неговата најава, формалните покани ќе бидат доставени денеска или утре, со намера на масата да седнат сите партии и коалиции што имаат пратеничка група во Собранието.

Како теми што ќе ги предложи, Мицкоски ги наведе законите од реформската агенда, изборот на Народен правобранител и прашањето за Законот за Владата, односно можноста за укинување на техничката влада. Во изјавата нагласи дека средбата не треба да се сведе само на техничката влада, туку да се разговара пошироко за пакетот реформски решенија што треба да влезат во собраниска процедура, меѓу кои и Изборниот законик и дел од законите што се однесуваат на правосудството.

На реакциите од СДСМ и од лидерот Венко Филипче, кој најави дека нема да присуствува и оцени дека се бара „алиби“ за предвремени избори, Мицкоски одговори дека „темата е апсолвирана“, алудирајќи дека граѓаните на последните избори јасно ја покажале поддршката, па Владата останува насочена кон реформи и подобрување на животниот стандард. Во исто време, порача дека власта може и без опозицијата да го смени Законот за Владата со мнозинство во парламентот, но инсистирал процесот да биде инклузивен и да се бара поширок политички консензус.

Најавата за лидерска средба, а потоа и пораката дека „приоритет не се изборите“, ја отворија дилемата дали власта се обидува да ја измести дебатата од изборен терен кон реформска агенда, токму во момент кога опозицијата тврди дека владејачкото мнозинство подготвува политичка математика за предвремено излегување на гласање. Одговорот дали средбата ќе се претвори во вистински дијалог или во уште еден јавен судир околу техничката влада и изборните правила ќе се види веќе следната недела, кога е најавен терминот во Клубот на пратениците.

Зачлени се на нашиот е-билтен