Откако не соопшти кај која институција пријавил обид да биде поткупен за да продолжи изградбата на Коридорот 8, и откако ниту една од надлежните институции не можеше да потврди дека е пријавен таков чин, премиерот Мицкоски си отвора линија за да си пријави сам на себе обид за поткуп.
Тој денеска најави дека е во тек „формирање на посебен тим и отворена линија, каде граѓаните ќе може да пријават доколку во некои од институциите им е побарано мито или некој свесно го одолговлекува она што по закон и процедура им припаѓа“.
Како што појасни, по пријавата од граѓаните, истражните органи ќе ги контактираат и сите тие „девијантни однесувања во рамките на институциите ќе се намалат, а сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата“.
Мицкоски порача дека не треба да се прави естрада од криминалот, зошто не е ништо посебно ако државата го спроведува редот и законите, но дека врз основа на информациите што го добива како прв човек на Владата, институциите полека, но сигурно влегуваат во трага на „она што е работено во изминатите седум години“.