Мицкоски срам да ти е од сам себе

На денешната посета на Гинекологија во Скопје, премиерот Христијан Мицкоски пред камерите соопшти дека стапката на сиромаштија во 2024 е „подобра“ од 2023 и „најдобра од 2020 наваму“, а нееднаквоста на доходите мерена со т.н. Џини индекс „првпат е под 30% во последните 30 години“ и е „најдобра во регионот“. Премиерот кој е еден од побогатите луѓе во државава на прес се пофали со бројки дека паднала сиромаштијата за 0.3 проценти.

Во истата изјава, премиерот ги реди бројките како аргумент за успех: „ако во 2020 стапката била 23%, во 2023 22,2%, во 2024 21,9%“, а Џини „од 33,3% сега е на 29,1%“.Но, кога таа политичка нарација ќе се стави до официјалните соопштенија на Државниот завод за статистика, излегува дека триумфализмот се гради врз минимални поместувања, па дури и врз спорни споредби со погрешна почетна година.

Во најновото соопштение за 2024 (објавено како „претходни податоци“), ДЗС навистина наведува стапка на сиромаштија од 21,9% и Џини од 29,1%. stat.mk Во соопштението за 2023 се наведува стапка од 22,2% и Џини од 30,3%. stat.mk Тоа значи дека, строго статистички, падот на сиромаштијата од 2023 до 2024 е 0,3 процентни поени, не „цел процент“, и дека и по таа „подобра“ година, под прагот останува приближно секој петти граѓанин.

Клучниот проблем е што политичката порака го претвора 0,3 поени во „пресврт“. А прагот на сиромаштијата, како што постојано потсетува ДЗС, не е апсолутна линија на преживување, туку релативен праг дефиниран на 60% од медијалниот еквивалентен приход. Со други зборови, ова е индикатор за распределбата на приходите во општеството, а не пресуда дека некој „излегол од беда“ затоа што статистиката се поместила за неколку десетинки.

Уште појасно се гледа колку е ризично политиката да си црта победнички графици со погрешни споредби. Премиерот тврди дека во 2020 сиромаштијата била 23%, а Џини 33,3%. Но дефинитивното соопштение на ДЗС за 2020 година наведува стапка на сиромаштија од 21,8% и Џини од 31,4% – значајно различни базични вредности од оние што ги изговори Мицкоски. Ако стартната точка е погрешна, тогаш и „најдобро од 2020 наваму“ станува реторика без цврста потпора.

Најкрупната манипулација, сепак, е околу тезата „првпат под 30% во последните 30 години“. Истата статистичка институција има објавено соопштение за 2022 година во кое Џини изнесува 29,8% – што значи дека „под 30“ е регистрирано и претходно, не само во 2024. Дури и ако 2024 е „подобра“ со 29,1%, тоа не е историски преседан, туку варијација во серијата.

А кога ќе се погледне подлабоко, станува јасно колку е цинично оваа тема да се продава како политички трофеј. Во официјалните серии на ДЗС се гледа дека сиромаштијата во 2013 изнесувала 24,2%, а Џини 37,0% – далеку полоши параметри од денешните. Во 2014 сиромаштијата е 22,1%, Џини 35,2%. Десет години подоцна, државата и натаму се врти околу 22% сиромаштија, со бавни поместувања и повторувачки ранливи групи, што зборува за структурен, не за „едногодишен“ проблем.

Токму ранливите групи се делот што најчесто исчезнува од свечените говори. Во дефинитивните податоци за 2020, ДЗС покажува дека сиромаштијата кај самохраните родители со издржувани деца е 41,6%, а кај домаќинства со двајца возрасни и три или повеќе деца – 45,6%. Кај децата (0–17) стапката е 30,3%.

Тоа се бројки што не се „статистички шум“, туку аларм дека сиромаштијата има лице: семејства со повеќе деца, самохрани родители, деца што растат со ограничени можности уште од стартот.

И додека владата се фали со „пад“, истата статистика покажува колку општеството зависи од трансфери за да не падне во уште подлабока дупка: во 2020 стапката на сиромаштија „пред социјални трансфери и пред пензии“ е 42,1%, а „по социјални трансфери“ е 21,8%.

Тоа не е приказна за „успех“, туку доказ дека без социјални механизми, речиси половина од населението би било под прагот.

Во таков контекст, да се прогласи победа со пад од 0,3 поени, и притоа да се вметнат неточни споредби за 2020 и неосновани историски тврдења за Џини, е политички маркетинг на грбот на луѓе што живеат со постојан недостиг. Прашањето не е дали 21,9 е „малку подобро“ од 22,2; прашањето е што прави власта кога и по „најдобрата година“, секој петти останува под прагот и кога најранливите групи со години се заглавени во истиот круг.

Зачлени се на нашиот е-билтен