Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мицкоски „свиркач“

Една од главните теми на кои постојано зборува премиерот Христијан Мицкоски и кои за него и за актуелната Влада се на врвот на приоритетите е борбата против корупцијата.

Но, тој, очигледно, пропуштил да биде дел од таа борба кога не постапил така како што овозможува Законот за борба против корупцијата и судирот на интереси. Во Член 5 од тој закон стои дека „Секој има право да спречи или пријави корупција или извршување, односно пропуштање на дејствие што претставува искористување на функцијата, јавните овластувања, службената должност или положба за да се нанесе штета на друг, без да трпи какви било последици“.

Мицкоски очигледно не го искористил ова свое право за да се стави и практично во борбата против корупцијата. Во изјава во која обелоденува дека му бил понуден поткуп за да ја потпише тендерската документација за Коридорот 8 што истекува на 17 септември.

Мицкоски не прецизираше кој стои зад поткупот, само кажа дека „се знае како оди тоа, преку канали за комуникација“.

Во изјавата уште вели дека „ите институции кои треба да бидат информирани, се информирани. Нормално дека тоа не оди транспарентно и со докази, преку документ“.

За ова тој ги известил партнерите од ЕУ со кои имал состанок, а тие, рече, со разбирање ги прифатиле аргументите.

Нормално, по оваа „бомбастик“ изјава на премиерот, медиумите побарале одговор во надлежните институции дали премиерот пријавил обид за корупција, но од Обвинителството за организиран криминал и корупција, информираа дека немаат добиено пријава за поткуп, додека од Јавното обвинителство велат дека немаат информација каде е поднесена, ако била поднесена.

Единствено Министерството за внатрешни работи се огласи дека постапува по повеќе предмети кои се поврзани со криминал и корупција.

„Во моментот кога истите ќе бидат во напредна фаза, соодветно ќе ја известиме јавноста“, изјавиле од МВР за МИА во врска со изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека имало обид врз него за поткуп за Коридорот 8, за како претседател на Владата да ја прифати тендерската документација за пругата кон Бугарија.

Според сето ова, премиерот Мицкоски ѝ останува должен на јавноста да соопшти каде го пријавил обидот за поткуп, а институцијата што тој ја одбрал да потврди дека има пријава и дека се постапува по неа.

А Мицкоски, ако навистина бил „жртва“ на понуда за мито, можел да ги искористи и можностите на Законот за заштита на укажувачите, односно на популарно наречените „свиркачи“.

А можел и да искористи барем еден од броевите или формите за бесплатна пријава за корупција којашто ја имаат речиси сите министерства и државни институции.

Најново