Мицкоски токми „Белград на вода“, експресно се менуваат закони

Од О2 предупредуваат дека министерот за транспорт, Александар Николоски ги внесува хотелите и хотелските комплекси со површина над 1000м2 како градби од државно значење.

О2 Иницијативата ја предупредува јавноста дека со новите законски измени се подготвува терен за изградба на големите хотели кои ќе станат градби од државно значење.

О2 Иницијативата се повикува на попладневната стручна расправа во Министерството за транспорт, каде предмет на расправата биле предложените измени и дополнувања на Правилникот за урбанистичко планирање.

Како што предупредуваат од организацијата, со нив министерот за транспорт, Александар Николоски ги внесува хотелите и хотелските комплекси со површина над 1000м2 како градби од државно значење.

„Ова прашање е од исклучителна важност, особено по посетата на милијардерот Мохамед Алабар на земјава, кој го изгради „Белград на вода”. Менување на закони и правилници за остварување на приватни бизнис интереси, под наметка на државен интерес, заобиколувајќи ги веќе уредените постапки за изградба на хотели и хотелски комплекси, исклучувајќи ја јавноста (нема јавна анкета), е уривање на и онака кревките правила во урбанизмот, каде и што може да се гради, отворајќи врата за силување на просторот, наметнувајќи градби онаму каде не им е место, со неможност на локалното население да влијае врз одлуката“, велат од О2 Иницијативата.

Ова е 10-та измена на Законот и Правилникот за урбанистичко планирање на оваа Влада, за година и седум месеци.

Зачлени се на нашиот е-билтен