На народниот митинг во Кичево, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски испрати порака за надминување на етничките и партиските ровови и за мобилизација околу конкретни дела. Под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, Мицкоски побара граѓанска солидарност во град што, како што рече, го чувствува иселувањето подеднакво кај Македонци, Албанци и останатите заедници. „Сега мора да застанеме еден до друг… сите имаат тежок живот, сите сакаат иднина“, порача тој.
Во говорот Мицкоски ги критикуваше партиите и поединците кои, според него, градат кариери на „етнички теми“ и поттикнуваат нетрпеливост меѓу кичевчани. „Не наседнувајте на стапицата на дневните препукувања и романтичарски идеи што не носат храна на трпезата,“ рече тој, додавајќи дека политиката мора да испорачува мерливи резултати, а не симболички конфликти.
Посебен акцент стави на критика кон лидерството на ДУИ. „Што ќе му е Зајас ако е празен? Нема радост во палатите ако преку оградата народот е гладен и раселен,“ изјави Мицкоски, обвинувајќи дека две децении власт донеле лични богатства за малкумина, а сиромаштија и иселување за мнозинството. Во исто време, кандидатскиот тим во Кичево, како што рече, носи програми „за сите – Албанци, Македонци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци – буквално за секој кичевчанец“.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ побара „заеднички одговор“ кон „нечесноста и поделбите“, ветувајќи доследност и кога грешките би дошле „од сопствените редови“. „Немаме време за пропусти. Мора резултати. Мора дела. Мора заедништво,“ рече Мицкоски, оценувајќи дека без обединетост победите се тешки, а поделбите им одат во прилог на оние кои „не ѝ мислат добро на земјата“.
Со порака дека кампањата треба да се врати на теренот на решенија, а не обвинувања, Мицкоски најави дека локалната агенда ќе биде ориентирана кон инфраструктура, економија и јавни услуги кои – како што потенцираше – „ќе се чувствуваат во секое маало и секое домаќинство“.