По изјавата на американската амбасадорка, Анџела Агелер ‘Сто проценти сум сигурна дека се работи на уставните измени’, стигна потврда и од министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, дека владатал работи на уставните измени, бидејќи станувало збор за преземена обврска.
„Секако дека на уставните измени мора да се работи. Без нив нема преговори и нема членство во ЕУ. Но, во моментов не можеме да зборуваме за процесот кога нашите грижи не се адресирани. За тоа е потребен редовен дијалог и враќање на довербата. „Во моментов се прават напори за воспоставување дијалог и градење доверба. Без тоа, не може да се зборува за надминување на проблемот“, изјави Муртезани“.
Муртезани откри дека се очекува и трет протокол со Бугарија за надминување на спорот и забрзување на евроинтеграциите. Ваквата вест ја соопште на прес-конференција во Скопје со шведската министерка за европски прашања Јесика Розенкранц.
„По локалните избори, заедно со европските партнери, се работи на воспоставување дијалог и враќање на довербата меѓу Скопје и Софија. Целта е надминување на спорот и деблокирање на евроинтегративниот процес на земјата“, рече Муртезани.
Првите сигнали дека се работи на трет протокол ги пушти претседателката, Гордана Сиљановска Давкова, која рече дека е можно креативно решение за надминување на разликите.
„Отворете го Договорот за пријателство и добрососедство – таму нема збор за уставни измени. Нека бидат креативни, трет протокол нека усогласат, во кој ќе кажат дека прашањата за историјата, културата и идентитетот не може да бидат услов“, рече претседателката.
Шведската министерка за европски прашања Јесика Розенкранц порача дека сега е моментумот за проширување на ЕУ, додека постои нова енергија меѓу земјите-членки.
„Ја охрабрувам Северна Македонија да ги забрза реформите, особено во владеење на правото и антикорупција, за да го искористи овој историски момент“, вели таа.
Премиерот Мицкоски, деновиве одговарајќи на пратеничко прашање за извештајот на Европската комисија, нагласи дека иднината на Македонија е во рамките на ЕУ.
„За тоа треба да ги започнеме и завршиме преговорите. Ќе сториме сè за да ја реализираме таа стратешка цел, но мора да биде без двојни стандарди и согласно Копенхашките критериуми“, дециден е премиерот.

