И без овој извештај како прв човек на Владата знам дека граѓаните живеат тешко и дека ни се потребни крупни чекори напред, клучни реформи и она што можеби за мене претставува клучен приоритет а тоа е борбата против корупцијата. Немаме, дополни, време за губење. Нѐ очекува уште многу работа, сите нас, бидејќи реформите и европскиот пат се долгорочен и сеопфатен процес, рече премиерот Христијан Мицкоски на заедничка прес-конфереција со евроамбасадорот Михаил Рокас по повод предавањето на Извештајот на Европската комисијата за напредокот на државата за оваа година.
Тој додаде дека сепак е добро кога ќе се добие една реална слика за состојбите.
Со извештајот добиваме една реална, објективна слика за состојбите за целокупната подготвеност на земјата во достигнувањето на европските правила и стандарди, како и за тоа што било направено во текот на изминатата година. Детектиран е добар или одреден напредок во некои области, но и ограничен или недоволен односно нема никаков напредок во повеќе други области и теми од Европското законодавство и стандарди, рече Мицкоски.