Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мицотакис – Денков: Зајакнување на соработката во транспортот, енергетиката и други области

За зајакнувањето и забрзувањето на соработката фокусирана на меѓусебната поврзаност во областа на енергетиката и транспортот и соработката во областа на обновливите извори на енергија, разговарале и се договориле премиерите на Грција и Бугарија Кирјакос Мицотакис и Николај Денков на нивната денешна средба во Атина, информираа од кабинетот на грчкиот премиер, јави дописничката на МИА од Атина. 

Паралелно, посебен акцент бил ставен на поврзувањето на патните и железничките мрежи меѓу Грција и Бугарија.

По билатералната средба следеше и работен ручек на двете делегации, а двајцата лидери, направиле „сеопфатен преглед на грчко-бугарските односи и напредокот на соработката во повеќе области од заемен интерес“.

-Имаме одлични стратешки односи во многу области, во транспортот, во енергетиката, би сакал исто така да ги споменам и одбраната и одбранбената индустрија. Имаме работи за кои денеска ќе разговараме, но исто така постојат можности за забрзување и комплетирање на некои работи во следните месеци. Тоа е главната цел, да видиме како можеме да го забрзаме овој напредок и да имаме конечни резултати во следните месеци, истакна Денков на почетокот на средбата. 

Грчкиот премиер рече дека ова е прва официјална посета во 2024 година, коментирајќи дека тоа значи нешто за „квалитетот на билатералните односи“ и паралелно му честиташе на неговиот бугарски колега за вклучувањето на земјата во Шенген зоната. 

-Очекуваме и се надеваме на целосна имплементација на Шенген, вклучувајќи ги и копнените граници, кои се разбира се толку важни за нашите билатерални односи и трговија. Очекуваме да разговараме за важни проекти за поврзување меѓу Грција и Бугарија во однос на транспортот, енергетиката, телекомуникациите, истакна Мицотакис.

На работниот ручек присуствуваа министри од двете земји.

Зачлени се на нашиот е-билтен