Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ја потврдил цврстата позиција на Грција дека границите не можат да се менуваат со сила и дека единствено Украина има право да донесува одлуки за својата територија. Оваа порака тој ја упатил за време на своето учество на видеоконференцијата на лидерите за Украина, соопшти неговиот кабинет, јави дописничката на МИА од Атина.
Средбата се одржала вчера по иницијатива на Обединетото Кралство, Франција и Германија. Според официјалните информации, Мицотакис ја нагласил и клучната улога на САД и значењето на силните трансатлантски односи за решавањето на конфликтот.
Премиерот посочил дека прекинот на огнот треба да биде врвен приоритет и дека е од голема важност како ќе се искористи доколку се постигне.