Мицотакис: Грција ќе продолжи дипломатски, политички, економски, воено и хуманитарно да ја поддржува Украина

Грција ќе продолжи да ја поддржува Украина, како што правевме од самиот почеток, дипломатски, политички, економски, воено, хуманитарно, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на неговото учество на Самитот Украина – Југоисточна Европа во Одеса, јави дописничката на МИА од Атина.

Во обраќањето, Мицотакис се задржа на Украина и на поддршката, посочи дека потребно е сите да работат за итен и безусловен прекин на огнот како прв чекор кон праведен и одржлив мир, но и дека ќе продолжат да вршат притисок врз Русија.

– Дозволете ми уште еднаш да ја изразам солидарноста на мојата земја со украинскиот народ, кој овие денови повторно страда од големи напади со руски ракети и беспилотни летала врз цивили. Овие напади, верувам дека ова треба да го повторуваме во секоја прилика, се грубо кршење на меѓународното хуманитарно право. Од самиот почеток јасно ставивме до знаење дека имате вродено право да се браните од руската агресија. А Грција ќе продолжи да ја поддржува Украина, како што правевме од самиот почеток, дипломатски, политички, економски, воено, хуманитарно, истакна Мицотакис.

Посочи дека Украина е таа којашто треба да одлучи дали ќе прифати или ќе одбие каква било мировна формула.

Пралалено истакна дека дека оваа војна не се однесува само на Русија и Украина, туку и на меѓународниот поредок заснован на правила, но и изрази поддршка за ЕУ перспективата на Украин и на регионот.

– Бидејќи сме сите собрани тука, соседи и пријатели од Западен Балкан, дозволете ми на крајот, да кажам дека Грција ќе продолжи да биде еден од најсилните и најцврсти поддржувачи на процесот на проширување и европската интеграција. Секогаш ќе бидеме подготвени да го направиме својот дел, обезбедувајќи каква било експертиза, драг Володимир, или техничка поддршка во однос на усогласувањето на земјите кандидати со ЕУ, порача Мицотакис.

Грчкиот премиер изрази задоволство што продолжува конкретната иницијатива што започна во август 2023 година во Атина, по повод 20-годишнината од Солунската агенда за интеграција во ЕУ на земјите од регионот.

На маргините на Самитот, Мицотакис оствари билатерална средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Зачлени се на нашиот е-билтен