Миграцијата и конкурентноста, биле во фокусот на средбата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, непосредно пред почетокот на Самитот МЕД9 на Кипар, јави дописничката на МИА од Атина.
Кипарскиот град Пафос денеска е домаќин на лидерите на деветте медитерански земји членки на ЕУ, кои се дел од групата МЕД9, а на состанокот ќе учествуваат и претседателката на ЕК и кралот на Јордан.
Како што информираа од кабинетот на грчкиот премиер, Мицотакис и фон дер Лајен на нивната средба разговарале „за приоритетите на новиот европски институционален циклус, со акцентот на прашањата за миграцијата и конкурентноста на ЕУ, кои се на агендата на претстојниот Самит на Европскиот совет“.
Покрај Кипар, кој претседава оваа година, во групата МЕД9 се и Франција, Грција, Шпанија, Италија, Хрватска, Малта, Португалија и Словенија.