Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мицотакис му честитал на Каселакис и го поканил на средба

 Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис имал телефонски разговор со новиот лидер на СИРИЗА Стефанос Каселакис, му честитал за победата и го поканил да се сретнат во следните денови, соопштија од кабинетот на Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, коментирајќи ја победата на Каселакис на партиските избори, изрази надеж и желба дека земјата „конечно ќе добие сериозна и веродостојна опозиција“, а СИРИЗА ќе се врати „на патот на вистината и реализмот“.

-Нашата конфронтација со господинот Каселакис ќе биде политичка и затоа ги очекуваме неговите позиции и предлози за сите големи прашања и целокупно за прашањата што се однесуваат на граѓаните. Исто така се надеваме дека ќе ја напушти логиката на токсичност и на говорот на поделба, што за жал многу години ѝ служи на партијата на која е избран за претседател, рече Маринакис, објаснувајќи дека со оглед на минатото на оние кои јавно го поддржаа Каселакис, Владата се сомнева дека ќе се напушти токсичниот говор.

Паралелно, владиниот портпарол се осврна и на фактот што Каселакис не е пратеник и нема да може да присуствува на парламентарните процедури.

-Во Парламентот се предлагаат и се гласаат сите големи реформи и сите големи промени, кои им се потребни на народот, а отсуството на опозициски лидер од овие процедури, во еден голем временски период, речиси четири години, сигурно претставува еден сериозен институционален недостаток. Затоа ние во Нова демократија, на Конгресот во 2016 година изгласавме предуслов дека за некој да биде кандидат за претседател на партијата, да биде член на пратеничката група, посочи Маринакис. 

Треба да знаете
Moже да ве интересира