Повредени пожарникари и доброволци, изгорена шума, загадена средина. Кире Михаилов, заменик генералниот директор на Национални шуми со „освестувачки“ фејсбук статус за алармантната состојба со пожарите во земјава во јули и овој август.
-Да имаш по 40 и кусур пожари дневно од кои повеќете од човечки фактор, наш, домашен, човечки фактор кој заедно со нас го дише истиот воздух, кој заедно со нас ја пие чистата природна планинска изворска вода, човечки фактор кој заедно со нас овде ги расте и неговите деца … Дефинитивно не сме вложиле доволно во образованието на луѓето за да ја знаат важноста на ова кое го уништуваат, поентира тој во објавата.
Ви ја пренесуваме во целост неговата објава:
-Месец јули, за 20 дена со 765 пожари
-Месец август, со над 50 пожари за 12 дена
40-тина дена веќе се бориме со постојаните “случајни” огнени стихии, а борбата на терен е нерамноправна
Тешко е, последици има и ќе има …
Злате од Сирково ја отвори сезоната со тешки изгореници обидувајќи се да го заштити родното Сирково, а неколку дена по него со изгореници и во болница завршија двајцата пожарникари од Битола при заштита на градот на конзулите од пламените јазици на двата пожари над градот
НИ ПРОГОЛТАА ЖИВ ЧОВЕК ВО НЕГОВОТО ОГНИШТЕ ОГНЕНИТЕ ЈАЗИЦИ ВО КУМАНОВСКО
Неколку дена потоа, командирот од ТППЕ Штип и неговиот колега се повредија со скршеници само ден откако заедно се боревме со големата огнената стихија над штипско Селце
Аце, еден од најпознатите пожарникари и доброчинител со неговата невладина од Штип одвај жива глава спаси од пожарите во штипско светиниколско
На крај, четворицата пожарникари од Пехчево завчера поминаа само со полесни изгореници, а огнот целосно го изгоре нивното возило
И уште многумина кои не се експонираа, а имаат помали или поголеми повреди од изгореници до вдишување чад
А од другата страна заедно со огнените пламени јазици имаме околу 20 фатени пиромани и уште неколку за кои се водат постапки
Меѓу нив татко и два сина, цело семејство
Цело семејство кое ќе оди во затвор
Од другата страна имаме луѓе кои дефинитивно не се плашат од Божјата казна.
Дефинитивно мораме од корен да ја менуваме оваа триесетгодишна утопија дека создаваме нешто, а всушност, реалноста ја покажува на терен огромната нула. И таа нула не е пред се поради тоа толку поради што не сме вложиле доволно во ресурси или обуки, туку оваа година ни покажа дека доволно не сме вложиле во љубов кон татковината во главите на нејзините граѓани., напиша тој.