Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска изјави дека е „непријатно изненаден од изјавата на Американската амбасада во Сараево, која непотребно ги поврзува измените на Изборниот закон на БиХ со измените на Уставот на таа земја“, што, како што истакнува, е неприфатливо за Хрватска.
Како што соопштија од кабинетот на Милановиќ, таа изјава може да се протолкува како „обид за опструирање решение кое на хрватскиот народ во Босна и Херцеговина ќе му обезбеди еднаква и легитимна застапеност во институциите на власта во таа земја“.
„Затоа е непријатно изненадувачки што и сега сме сведоци на обиди да се отежни или дури да се спречи договорот за измена на Изборниот закон, кој е важен дел од поширокото решение за функционирање на БиХ и напредок кон ЕУ“, изјави Милановиќ.
Хрватскиот претседател нагласи дека легитимно избраните претставници на сите три народи во БиХ треба да одлучат за Изборниот закон на БиХ бидејќи само договорот на трите конститутивни народи може да обезбеди стабилност и функционалност на таа земја, како и нејзин влез во ЕУ, „за што Република Хрватска со години се залага и поддржува“.
Милановиќ ги повика избраните претставници на државните органи во БиХ самостојно да продолжат со дискусиите и да се договорат за измените на Изборниот закон на БиХ.