Заменичката на генералниот секретар на НАТО, Радмила Шекеринска денеска во Подгорица се сретна со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.
„Силната и континуирана поддршка на НАТО и ЕУ на реформскиот процес, регионалната безбедност и севкупниот развој се од клучно значење за издржливоста и напредокот на земјите од Западен Балкан“, изјави Милатовиќ.
Тој додаде дека Црна Гора останува посветена на вредностите и целите на Алијансата, преку учество во мисии, спроведување на политиката и промовирање на мирот, дијалогот и соработката. Милатовиќ посочи дека Црна Гора минатата година ја модернизираше армијата и оти годинава издвоиле повеќе од два отсто за одбраната.
Милатовиќ повтори дека Црна Гора поддржува правичен, сеопфатен и одржлив мир во Украина и ги поздрави иницијативите за преговори.
Шекеринска е во дводневна посета на Црна Гора, при што се планирани посети на Кибер Центарот на Западен Балкан и на Владиниот оперативен центар за кибербезбедност.
За утре е предвидено Шекеринска да учествува на Самитот на млади на НАТО во Будва, кој првпат се организаира во Црна Гора на иницијатива на Милатовиќ.
Таа наведе дека тоа што Црна Гора е домаќин на Самитот на млади на НАТО е јасна порака дека регионот е важен за Алијансата.
Самитот, на кој учествуваат повеќе од 400 учесници од земјите-членки и партнерските земји, претставува важна платформа за зајакнување на видливоста на НАТО меѓу младите.