Во мојот професионален живот сум сретнала само неколкумина кои создавале вистински, длабок, интелектуален но и емоционален конфликт на сцената и на филмот – онаков конфликт што има конесквентност, оправданост, аргументација и кој води до огнометна катарза. Нашиот Мето беше токму тоа – актерски, интелектуален и емоционален огномет. Дефиниција за креативен конфликт кој секогаш, без исклучок, брилијантно произведуваше нова, современа перспектива и на сцената и на филмското платно.
Не сум сигурна дека сме имале втор толку комплетен и едновремено комплексен актер. Многубројни се неговите дарови. Пред сѐ како актер, но и како драмски писател, режисер. Но, Мето имаше и еден невообичаен дар – дарот на непредвидливото, изненадното, неочекуваното – бескрајно темелен во читањето не само на сопствениот лик туку и во читањето на сите релации кои контекстот на драмскиот текст или сценариото ги воспоставуваат. Мето правеше секогаш исчекори. Секогаш чекор понапред.
Мето, мојот колега и мојот тивок пријател, со кој сме поминале бесконечно многу саати, денови, години во разговор и во професионално и интимно споделување на животните бездни. Со него човек беше на чисто – кога сакаше некого или нешто, беше јасно. Кога беше критичен и незадоволен – исто така беше јасно. Тој беше непотчинет дух, и не ги сакаше подаништвото и потчинетоста, ниту во професијата ниту во животот.
Неговите доблесна критичност и острина, нетипични за нашиот аморфен контекст, го оформија во една од најспецифичните и најголемите личности за нашата современа култура. Неговото телемелно познавање и умеење на актерското мајсторство го направија единствен во професијата.
Нашиот Мето успеа да го крене достоинството на професијата на највисоко ниво, и никогаш не го урниса, не го изневери, па дури и во миговите кога целиот контекст беше на работ да биде урнисан. Тоа не беше лесно. И можеби затоа неретко се чувствуваше осамен и далечен.
Му благодарам за сѐ што ми подари и како на колешка и како на пријателка. Му благодарам за сѐ што ѝ подари на нашата култура. Бев постара, тој помлад, но учев од него.
Тажна сум… Ретко се раѓа некој во една култура како Мето. Мето Јовановски требаше да го чуваме како капка роса на дланка во пустина.
До скоро видување колега, до скоро видување пријателе.
Им ги упатувам сите мои чувства на утеха на неговото семејство, на ќерките, на пријателите и на колегите.