Белата куќа ја претстави одлуката како „враќање на суверенитетот“ и крај на учество и финансирање на структури што, според администрацијата, работат спротивно на американските интереси. Во самиот документ се наведува дека федералните агенции треба „веднаш“ да започнат чекори за прекин на учество и финансирање, а во листата се појавуваат и тела што ја обликуваат науката и политиките за климата, како Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC), меѓу други.
Проблемот, меѓутоа, не е само политичката порака, туку и симболичката тежина: според Ројтерс, САД би биле првата држава што излегува од UNFCCC.
Иако меморандумот зборува за „што е можно побрзо“, правилата на самата Конвенција се строги: повлекувањето стапува на сила една година откако депозитарот ќе ја прими официјалната нота за повлекување. Со други зборови, дури и кога политичката одлука се соопштува веднаш, правниот ефект има свое одложено „време на чекање“.
Во исто време, оваа најава паѓа во критичен календарски прозорец за Парискиот договор. Обединетите нации веќе ја потврдија постапката по која американското повлекување од Парискиот договор треба да стапи на сила на 27 јануари 2026 година, по известувањето доставено на 27 јануари 2025 година.
Уште поважно, и Парискиот договор и UNFCCC се врзани со „автоматски“ механизам: ако држава се повлече од UNFCCC, се смета дека се повлекла и од протоколите/договорите поврзани со неа, вклучително и Парискиот договор.
Поддржувачите на Трамп ја рамнат одлуката со намалување на трошоци и спречување на „радикални“ политики што би ја ограничиле индустријата, додека критичарите предупредуваат дека САД се откажуваат од влијание токму во период кога инвестициите во чиста енергија и климатска технологија стануваат глобална економска трка. АП и „Фајненшл тајмс“ нотираат дека повлекувањето се чита како ново повлекување од мултилатерализмот, со ризик глобалната климатска агенда да се префрли кон други центри на моќ, пред сè Кина.
Во таа поларизација се наметнува и тезата што ја турка дел од критичарите: дека климатската „демонтажа“ не е идеолошка случајност, туку економска математика што им оди во прилог на најмоќните интереси околу фосилните горива и на играчите што профитираат од регулаторни празнини. Токму во таа насока одат јавните осуди на повеќе климатски организации и влијателни фигури, кои предупредуваат дека ваквиот чекор ја намалува американската конкурентност во новата индустриска ера и ја зацврстува зависноста од старите енергетски модели.
Од правен аспект, паралелно се отвора и друго прашање: колку далеку може да оди Белата куќа со еднострани одлуки за излез од договори и структури што традиционално се врзуваат со сенатска ратификација и сложени меѓународни процедури. Дел од правните коментари во САД веќе укажуваат дека борбата може да се пресели и во судови или во Конгресот, а конечниот ефект ќе зависи од тоа колку администрацијата ќе оди до крај со формалните ноти и институционалните прекини.