Милиони корисници на банкомати ќе добијат отштета од Visa и Mastercard

Компаниите Visa и Mastercard ќе исплатат вкупно 167,5 милиони долари за да се реши колективната тужба во која се обвинети за заговор со цел одржување вештачки високи надоместоци за користење на банкомати.

Предложената спогодба, која сè уште чека одобрување од судија, вчера е поднесена до сојузниот окружен суд во Вашингтон, објави Гардијан.

Според договорот, средствата ќе им бидат исплатени на милиони сопственици на платежни картички на кои им биле наплатувани надоместоци за подигнување готовина од независни банкомати, односно банкомати кои не се во сопственост на банки.
Visa во фондот за спогодбата ќе уплати околу 88,8 милиони долари, а Mastercard 78,7 милиони долари. Средствата ќе им бидат распределени на корисниците кои извршиле вакви трансакции од октомври 2007 година наваму.

Адвокатите на тужителите во судскиот поднесок ја оценија спогодбата како „одличен резултат, со оглед на ризиците од понатамошно судење“. Тие најавија дека од судот ќе побараат до 30 проценти од фондот, односно околу 50 милиони долари, за покривање на судските трошоци.
Ниту Visa ниту Mastercard, како и главните адвокати на потрошувачите, засега не дадоа официјален коментар, пренесува Index.hr.

Долгогодишна правна битка

Тужбата е поднесена уште во 2011 година, кога потрошувачите ги оспорија правилата на Visa и Mastercard со кои, според обвиненијата, им било оневозможено на независните оператори на банкомати да понудат пониски цени за своите услуги. Двете компании во текот на целиот судски процес ги негираа обвинувањата за неправилности.

Ова е еден од трите поврзани случаи што се водат пред сојузниот суд во Вашингтон. Минатата година Visa и Mastercard се согласија да платат 197,5 милиони долари за решавање на слични барања од друга група корисници, кои тврдеа дека им биле наплатувани прекумерни надоместоци на банкомати во сопственост на банки. Дополнително, неколку банки во 2021 година прифатија да исплатат 66 милиони долари во рамки на спогодби во истиот спор.

Третата тужба, поднесена од независни сопственици и оператори на банкомати, сè уште чека разрешница во истиот суд. Во меѓувреме, Visa се соочува и со други антимонополски постапки, меѓу кои и тужба од Министерството за правда на САД, кое ја обвинува компанијата за незаконска монополизација на американскиот пазар на дебитни картички.

Зачлени се на нашиот е-билтен