Минесота бесна по убиството на Рене Гуд: Трамп ја брани акцијата на ICE

Рене

Смртта на 37-годишната Рене Никол Гуд, застрелана од агент на американската имиграциска служба ICE во Минеаполис на 7 јануари, прерасна во политичка и институционална криза која се шири далеку над Минесота. Додека федералните власти тврдат дека станувало збор за самоодбрана, локалните власти и голем дел од јавноста бараат транспарентност и независна истрага, предупредувајќи дека наративот од Вашингтон се гради пред да бидат утврдени фактите.

Американскиот претседател Доналд Трамп излезе со тврдење дека Гуд „насилно“ го прегазила агентот и дека пукањето изгледа како самоодбрана, оценувајќи ја снимката како „ужасна за гледање“ и префрлајќи дел од вината врз „радикалната левица“. Во ист тон, министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем настапи со квалификации дека дејствијата на жртвата претставуваат „домашен тероризам“, иако локалните функционери реагираа дека таквите етикети се пласираат без јавно презентирани докази.

Наспроти федералната верзија, во јавноста кружат видеоснимки кои поттикнаа сомнежи за тоа како точно се одвивале секундите пред пукањето и дали употребата на смртоносна сила била неопходна. „Ова не е време да се кријат фактите“, порача градоначалникот на Минеаполис, Џејкоб Фреј, обвинувајќи дека федералните власти ја држат истрагата затворена и барајќи во процесот да се вклучат и државните истражни органи.

Клучниот пресврт што ја разгоре недовербата дојде кога ФБИ ја презеде истрагата, а државното Биро за криминална истрага на Минесота (BCA) соопшти дека останува без пристап до материјали, докази и интервјуа потребни за темелна и независна постапка. BCA јавно наведе дека без целосна соработка не може да ги исполни стандардите што ги бараат законот и јавноста, и дека ќе помогне само во собирање и зачувување на видеодокази за да не исчезнат.

Дополнителна тежина на сомнежите даде и информацијата дека обвинителите од Одделот за граѓански права при Министерството за правда нема да играат улога во истрагата, што според американски медиуми отстапува од вообичаената пракса за високопрофилни случаи на фатално пукање од страна на службено лице.

Во меѓувреме, семејството на Гуд ја опишува како мајка на три деца и личност која сакала да „гради подобар свет“, додека дел од медиумите наведуваат дека била американска државјанка и дека нема позната криминална историја надвор од сообраќаен прекршок. Случајот веќе предизвика протести и надвор од Минесота, а локалните власти предупредуваат дека јавната доверба во истрагата ќе зависи од тоа кој има пристап до доказите и дали ќе има независна проверка на федералните тврдења.

Зачлени се на нашиот е-билтен