Минхенска безбедносна конференција: Мерц предупреди дека слободата не е дадена

На Минхенска безбедносна конференција, германскиот канцелар Фридрих Мерц порача дека слободата што Европа ја живеела со децении „повеќе не е нешто што се подразбира“, оценувајќи дека светскиот поредок „какo што постоел со децении“ веќе не постои и дека Западот влегува во ера на силна конкуренција во која ќе мора да се делува побрзо и поодлучно.

Мерц во говорот на отворањето предупреди дека САД нема да бидат доволно моќни „да одат сами“, повикувајќи Вашингтон и Европа да „го поправат и оживеат“ трансатлантската доверба. Во таа рамка, тој ја нагласи улогата на НАТО како заедничка предност, а не како еднонасочна гаранција, во момент кога односите преку Атлантикот се оптоварени со политички и трговски тензии.

Канцеларот ја насочи пораката и кон европските влади, со тезата дека континентот има огромен воен, политички, економски и технолошки потенцијал, но дека долго време не го користи во потребниот обем. Како илустрација, тој наведе дека рускиот БДП е околу 2 трилиони евра, а оној на Европската унија речиси десет пати повисок, но дека Европа „не е десет пати посилна“ од Русија, по што повика на „префрлување на прекинувачот во главите“ и на поголема цврстина за да се зачува слободата.

Во делот што се однесува на вредностите и политичката клима во САД, Мерц порача дека „културните војни на МАГА“ не се европски, додавајќи дека слободата на говор завршува таму каде што зборовите се насочени против човечкото достоинство и уставниот поредок. Во ист контекст, тој ја нагласи европската посветеност на слободната трговија, како и поддршката за меѓународни договори за климата и за Светската здравствена организација, со аргумент дека глобалните проблеми не се решаваат изолирано.

Украина беше една од централните теми во неговите пораки: Мерц оцени дека Русија сè уште не е подготвена сериозно да преговара и дека поддршката за Киев и притисокот врз Кремљ треба да продолжат, алудирајќи и на изолирани дипломатски потези од европски лидери во минатите години кои, според него, не донеле резултат, туку биле проследени со засилени напади.

Паралелно, според Ројтерс, Мерц открил дека Берлин започнал доверливи разговори со Франција за европско нуклеарно одвраќање, нагласувајќи дека тоа би било строго вградено во рамката на НАТО и постојното „нуклеарно споделување“, без создавање „зони со различна безбедност“ во Европа.

Зачлени се на нашиот е-билтен