Минимална плата 600 евра: предлогот денеска на собраниска комисија

работниците

Дали минималната плата во Македонија ќе се фиксира на 600 евра – прашање што денеска влегува во институционална расправа преку предлог-измените на Законот за минимална плата. На дневен ред на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика е ставен предлог-законот во прво читање, со кој се предлага минималецот да се утврди на 600 евра.

Овластен предлагач е претседателот на СДСМ, Венко Филипче, а меѓу предлагачите се и пратениците Бисера Костадиновска Стојчевска, Благој Бочварски, Борче Цветков, Горан Мисовски, Даниела Николова, Димитар Ковачевски, Јован Митрески, Јованка Тренчевска, Љупчо Николовски, Миле Талевски, Митко Трајчулески, Моника Зајкова, Оливер Спасовски, Сања Лукаревска, Славјанка Петровска, Соња Мираковска и Фатмир Битиќи.

Истиот текст на предлог-законот е ставен и на дневен ред на Законодавно-правната комисија, каде што исто така треба да биде разгледан.

Расправава доаѓа во период кога минималната плата е една од најжестоките точки на судир меѓу синдикатите, работодавачите и политичките партии. Според актуелните пресметки што кружат во јавноста, минималецот е околу 24.379 денари, односно околу 397 евра, а со закон се усогласува еднаш годишно – во март – преку формула што ги врзува движењата на просечната плата и трошоците на живот. Синдикатите, пак, подолго време инсистираат на скок кон 600 евра како „праг“ за достоинствен живот, особено поради притисокот од цените и вредноста на синдикалната потрошувачка кошничка.

Од Владата во изминатиот период повторуваат дека усогласувањето треба да се случи во март според утврдената методологија, со раст што се мери во илјадници денари, а не во десетици проценти. Токму затоа, предлогот за фиксирање на 600 евра најавува расправа што ќе се води не само за износот, туку и за моделот: дали минималната плата да остане врзана за домашните економски индикатори или да се „закотви“ на ниво што политички се поставува како европски стандард.

Зачлени се на нашиот е-билтен