Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска имаше средба со новиот претставник на УНХЦР во државата, Габриел Гулијано де Годој, на која на својот соговорник му ја објасни работата на Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и му го претстави тимот кој работи на прашањето за миграциите во државата уште од 1999 година, информираат од МТСП.
Тренчевска истакнала дека повеќегодишната соработка со официјален прв договор започнала уште од 2003 година и оти тоа е прв случај каде меѓународна организација се вклучува директно во договор со Министерство.
На средбата се разговарало и за тековните активности од минатата и за планираните активности за оваа година.
– Присутните посочија дека продолжуваат заложбите за градење на капацитетите на социјалните работници во центрите во делот на прашањето со миграциите, полесна интеграција во државата на бегалците, нивно вклучување во образовните процеси и пазарот на труд, се вели во соопштението од МТСП.
Претставникот на UNHCR Габриел истакнал дека вклучувањето на бегалците на пазарот на труд треба да се гледа како можност со која ќе се олесни нивниот живот, но и дека таквиот пристап ќе помогне во заситувањето на потребата од работници на македонскиот пазар на труд.
Тој потенцирал дека Република Северна Македонија претставува пример за другите земји во делот на бездомници и лица без документи и, како што велат од МТСП, нагласил дека во периодот што следи целта е да се пресретнат сите потреби лицата кои ги опфаќа агендата на UNHCR.