Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Министерството за јавна администрација го демантира пратеникот Халил Снопче

Министерството за јавна администрација во целост ги демантира последните изјави на пратеникот Халил Снопче, во врска со учеството на Министерството за јавна администрација во работната група за подготовка на законско решение со цел да се обезбеди правична застапеност на етничките заедници.

Категорично демантираме дека Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, е вклучен во оваа работна група, ниту пак имаме информации за формирање на ваква работна група.

Нашето Министерство има цврст став дека на секое ново законско решение кое влијае на правичната застапеност мора да се пристапи внимателно и посветено преку отворени и сеопфатни дискусии со експертската јавност, пишува во соопштението испратено до медиумите.

Од таму нагласуваат дека предлозите од кое било ново законско решение треба да бидат испратени до Венецијанската комисија.

Таквиот пристап е од суштинско значење за да се поддржат принципите на демократско владеење и да се спречат нови правни нејаснотии кои можат да доведат до повторни оспорувања од страна на Уставниот суд.

Ние веруваме во консултативен, законодавен процес заснован на докази, кој обезбедува правична застапеност истовремено штитејќи го интегритетот на нашата уставна рамка.

Министерството за јавна администрација останува посветено на транспарентност и инклузивност во сите иницијативи поврзани со јавната администрација и управување, стои во соопштението на Министерството за јавна админстрација.

Зачлени се на нашиот е-билтен