СДСМ изнесе нови податоци за енормно трошење на власта, Министерството за одбрана само за кафе и алкохол потрошило 31.000 евра

Социјалдемократите денеска излегоа со нови информации во врска со енормното трошење за алкохол и кафе во Министерството за одбрана.

Од опозициската партија велат дека додека стандардот на граѓаните постојано опаѓа и семејствата едвај врзуваат крај со крај, владата на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ продолжува да се луксузира со народните пари.

„Не било доволно папаја, манго, аспарагус и други егзотични и прескапи овошја, Министерството за одбрана на Мисајловски склучило договори со пет компании за набавка на кафе, вино, ракија, мастика и други алкохолни пијалоци во вредност од 31.000 евра“, велат од СДСМ.

Тие посочуваат дека во реалноста, народот не може да си дозволи ниту основни работи, бидејќи последните податоци покажуваат дека синдикалната потрошувачка кошничка достигна 65.507 денари, и дека на граѓаните им се потребни речиси 3 минималнни плати за да ги покријат само основните трошоци. ‘Многу производи се недостижни за голем број семејства во државата’.

„ВМРО-ДПМНЕ ја држи Македонија со најниската минимална плата во целиот регионот и упорно одбива да ги покачи платите и да ги намали цените кои се превисоки. Просечната плата е само една третина од европскиот просек, додека цените на основните производи достигнуваат до 60% од просекот во Европа“, велат од СДСМ.

Ваквата расипничка политика на власта е доказ дека Мицкоски и неговите министри се грижат единствено за сопствената удобност, а не за народот кој секој ден тоне во сиромаштија и едвај врзува крај со крај.

Зачлени се на нашиот е-билтен