Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Министрите за внатрешни работи на ЕУ дебатираат како да се справат со влијанието на војната

Министрите за внатрешни работи на Европска Унија денеска дебатираат како да се справат со влијанието на војната помеѓу Израел и Хамас врз ЕУ, во услови на зголемени безбедносни тензии по нападот со Молотов коктел врз синагогата во Берлин и убиствата во Белгија и во Франција од страна на осомничени исламистички екстремисти.

Официјални лица од 27-члената ЕУ изразија загриженост за порастот на антисемитските напади, радикализацијата на младите луѓе на интернет, употребата на шифрирани услуги за пораки од криминалци или екстремисти и потребата да се забрза депортацијата на луѓето кои можат да претставуваат јавна опасност.

Но, повиците за зголемување на безбедноста исто така, создаваат длабока вознемиреност бидејќи тоа може да го поткопа слободното движење и правото на собирање во Европа. Италија и Германија воведуваат нови гранични проверки.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, верува дека дел од решението за безбедносните проблеми на Европа мора да вклучи дипломатска и финансиска помош.

– Од историјата научивме дека најтешките одлуки секогаш се носат кога сме на работ на бездната. Верувам дека тоа е местото каде што сме сега: на работ на бездната. Кога ги слушам муслимански верски власти како зборуваат на јазикот на меѓурелигискиот конфликт и експлицитно изјавуваат дека Европа е страна во овој конфликт, чувствувам дека бурата се наѕира, изјави вчера Борел.

Но, не сите предизвици на Европа се директно поврзани со војната.

Шведска беше домаќин на состанок на министри од осум земји, меѓу кои и Германија, Белгија и Франција, на кој се разговараше како да се постапува со инцидентите кога се пали Куранот. Обвинителите се обидуваат да утврдат дали тоа бил клучен мотив за Тунижанецот, кој застрела тројца Швеѓани во понеделникот во Брисел, убивајќи двајца од нив, пред фудбалскиот натпревар меѓу Белгија и Шведска во Брисел.

Иако палењето на Куранот не е директно поврзано со конфликтот меѓу Израел и Хамас, тие се знак за зголемени тензии меѓу верските и другите заедници во Европа.

Војната што започна на 7 октомври стана најсмртоносната од петте војни во Појасот Газа за двете страни. Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, вчера соопшти дека се убиени 3.478 Палестинци, а повредени се над 12.000 лица.

Повеќе од 1.400 луѓе во Израел се убиени, а најмалку 199 други, меѓу кои и деца, се заробени од Хамас и одведени во Појасот Газа.

– Мораме да се справиме со повеќекратните влијанија од континуираната криза на Блискиот Исток, а дел од ова е да ги процениме сите можни последици за нас во ЕУ. Ова подразбира заштита на нашите еврејски заедници, но и заштита од генералната клима на исламофобија, која нема место во нашето општество, истакна потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Схинас во Луксембург.

По војната во неколку европски градови се одржуваат пропалестински собири. Франција ги забрани. Германија, исто така, вети дека ќе преземе построги мерки против Хамас, кој веќе е на списокот на терористички организации на ЕУ.

Откако напаѓачите вчера фрлија два молотови коктели врз синагогата во Берлин, германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека „никогаш нема да прифатиме напади врз еврејски институции“.

Во Франција вчера поради безбедносни причини беа евакуирани и привремено затворени Версајската палата, главна туристичка атракција и три аеродроми. Инцидентите уследија по минатонеделното убиството на наставникот во северниот град Арас од страна на осомничен исламистички екстремист.

Францускиот министер за внатрешни работи Жерлан Дарманин посочи дека во Франција и Белгија двајца странци стојат зад неодамнешните напади и тој инсистира на воведување долго одложуваните реформи на правилата за азил во ЕУ.

– Европа мора да управува со нашите граници, да регистрира луѓе и да спроведе безбедносни интервјуа кои се неопходни пред секое барање за азил, посочи Дарманин.

Високата претставничка за миграција во Белгија, Никол де Мур наведе дека „уште еднаш се соочуваме со терор на улиците на нашите градови, во Франција, во Белгија, и не можеме да го толерираме тоа. Невини луѓе умираат и тоа е неприфатливо“.

Таа рече дека се потребни построги закони за депортација и земјите кои одбиваат да ги вратат своите државјани мора да се натераат да соработуваат. ЕУ има договори со Турција и Тунис за да ги натера да ги спречат мигрантите да стигнат до Европа, но тие не функционираат. Планирани се и други договори, особено со Египет.

Зачлени се на нашиот е-билтен