Миноски: Минималната плата во Македонија е ниска и треба да го следи регионот

Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски, гостувајќи во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21, оцени дека дебатата за платите не може да се сведе само на желби и политички пораки, туку мора да почне од реалната економија — продуктивноста, трошоците и човечкиот капитал. Во таа рамка, тој испрати јасна порака дека без инвестиции во вработените, долгорочниот раст на платите ќе остане недостижна цел.

Според Миноски, зголемувањето на платите на одржлив начин може да се постигне само преку раст на продуктивноста на трудот, но додаде дека македонската реалност наметнува поширок и посензитивен пристап, бидејќи минималната плата е меѓу најниските во регионот и создава директен притисок врз животниот стандард на работниците со најниски примања.

Тој нагласи дека ниската минимална плата не обезбедува пристоен живот, особено за домаќинствата што егзистираат исклучиво од такви приходи. Како пример посочи дека дури и кога двајца членови од едно семејство работат за минимална плата, тешко е да се зборува за стабилност и достоинствена егзистенција.

Во обид да ја извади темата од дневнополитички рамки, Миноски оцени дека прашањето за минималната плата е комплексно и мора да се води низ трипартитен социјален дијалог меѓу државата, синдикатите и работодавачите. Според него, при секое покачување треба внимателно да се процени ефектот врз одржливоста на бизнисите и врз нивните оперативни трошоци, за да не се создадат нови ризици за пазарот на труд.

Во исто време, тој посочи дека работодавачите не можат да ја игнорираат потребата на вработените за пристојни услови за живот, особено во контекст на демографските предизвици и одливот на работна сила. Миноски рече дека значаен дел од луѓето ја напуштаат земјата поради подобри плати во други европски држави, кои сопствениот недостиг на кадар го компензираат со „увоз“ на работници.

Тој предупреди дека замена на работната сила не е едноставен процес и носи социјални, политички и културолошки импликации. Оттаму и неговата оценка дека во одредени ситуации работодавачите треба да покажат поголема општествена одговорност — па и да се откажат од дел од профитот за да инвестираат во своите вработени, затоа што човечкиот капитал, како што рече, е клучниот фактор што ги движи компаниите и економијата.

Во делот за улогата на државата, Миноски оцени дека Владата треба поактивно да се вклучи во социјалниот дијалог и да помогне во изнаоѓањето одржливи решенија, наместо преговорите да ги остави исклучиво на синдикатите и работодавачите. Целта, според него, треба да биде раст на реалните примања и унапредување на животниот стандард, како основа врз која се мерат и економските политики и јавните одлуки.

Зачлени се на нашиот е-билтен