Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Миновски и колегите го развија македонското знаме на 3 од највисоките врвови на седумте континенти, остануваат уште четири

Планинарите за да се искачат на врвот на една планина даваат надчовечки напори, се борат со студот, снегот, лавините, се соочуваат со многу опасни ситуација. Македонската експедиција составена од Лазо Миновски, Филип Христов, Зоран Успрцов и Зоран Николов, минатиот месец се искачи на највисокиот врв во Јужна Америка, Аконкагва, висок 6.962 метри. За последниот подвиг на македонската екипа разговаравме со Лазо Миновски, којшто долги години бил натпреварувач во велосипедизам. Но, адреналинот од натпреварите во велосипедизам повеќе не го исполнува и бара нови подвизи. Затоа точно пред 6 години започнува со планинарење.

Со Лазо Миновски разговараше Хусамедим Гина

Порталот Рацин.мк , со Лазо Миновски,  разговараше за неговото последно интересно и возбудливо патешествие во Јужна Америка. Во придружба на неговото бело кученце и голем број на постери од неговите постигнувања, Лазо Миновски нагласи дека искачувањето на врвот Аконкагва за него преставува одличен старт на сезоната, за која има многу поголеми соништа.

Врвот Аконкагва се наоѓа на  планинскиот масив Анди во аргентинската провинција Мендоза. За да стигне таму, Лазо Миновски ги минува релациите Скопје –Истанбул (635 км), Истанбул -Сао Паоло (10583.70 км), Сао Паоло – Буенос Аирес (1674.56 км) , а потоа со автобус патува од Буенос Аирес до градот Мендоса (1500 км). Од таму со комбиња одат на висина од 2.700 метри и од тука почнува патешествието до врвот. Лазо за да стигне до планината Анди поминува точно 14393 км.

Планинарот Лазо интервјуто го започнува раскажувајќи за една необичен настан, неговиот роденден и самостојното искачување на еден врв, кој не е предвиден.

Тој во адреналинот бара адреналин. На 10 февруари, кога е неговиот роденден, а исто така и ден за одмор пред да тргнат кон врвот Аконкагва, носи одлука. како што вели тој „да се почасти себеси за роденденот“ и непланирано сам тргнува да се качи на врвот Бонете (5100 м).

„Можеби не смеев, можеби некои, повеќето од 90 и нешто проценти (мисли на планинари) нема да го направат тоа, ама јас сум таков по природа, малце сум авантуриста, сакам да пробам од сѐ по малку. Одлучив да одам да го качам врвот Бонете 5100 м. Бев добро аклиматизиран веќе се симнав од 5750 м, не ми беше некој проблем да се качам. Тргнав сам нагоре, имав ветар тој ден, не земав ранец со мене, само земав бидонче со вода и некои апетисанчиња со суво овошје и две чоколадца. Мада ништо не искористив од тоа освен водата“.

Откако се вратил доле, неговите пријатели во бејскампот му приредиле изненадување за неговиот роденден и славеле заедно.

Искачувањето кон врвот Аконкагва го започнуваат на 13 февруари во еден часот по полноќ. Температурата била некаде -21 степен и ветер од 5 км/час. Лазо Миновски истакна дека во текот на искачувањето не направиле ниту една грешка и дека за  9 часа и 10 минути стигнале на врвот Аконкагва, каде што останале скоро еден час.

„Првин си честитавме меѓу себе. Нормално има тука и солзи радосници, затоа што знаеме дека многу малце фали да не го качиме врвот. Многу малце фали. Тоа значи, времето, уморот, не знам, ненаспаност, многу работи може мали ситници може да влијаат толку многу на нас. Горе сите бевме пресреќни, сите бевме радосни, си честитавме, и сега викаме тука не е крајот, сега имам 50 отсто надоле. Работата е како ќе се симнеме надоле, надоле е секогаш по тешко и полошо. Покобно за секој планинар, него качувањето нагоре. “

Планинарите за да се искачат на врвот на некоја планина даваат надчовечки напори, се борат со студот, снегот, лавините, се соочуваат со многу опасни ситуација. Дали сето тоа вреди, го прашавме Лазо Миновски.

„Вреди, не знам како да го опишам. Сите ме прашуваат како е горе, кое е чувството, не можам да го опишам. Не можеш да опишеш што е љубов. Никој не може тоа. Секој треба да си го осети тоа. Не можам да опишам како е горе. Дали вреди, вреди. Горе е психотерапија. Горе ќе те држи уште неколку месеци убаво тие спомени што ги имаш горе. Со сите тие врвови, долини, се што ќе видиш од горе. А горе има, и те како има што да се види. Вреди, вреди!“

Лазо Миновски до сега успева да се искачи на највисоките врвови на три континенти. Тоа се  Аконкагва- Јужна Америка, Елбрус највисокиот врв во Русија и Европа и Килиманџаро во Африка. 

Истакнувајќи дека голем број на планинари сакаат да се искачат на највисоките врвови на седумте континенти (Seven summit) , Лазо Миновски истакна дека него повеќе го интересираат врвовите на 8000 м, а после тоа ќе одлучи дали и неговата цел ќе биде Seven summit.

„Доста планинари сакаат да го искачат Seven summit, значи сите највисоки врвови на сите континенти. Јас првин не тргнав по тој пат, повеќе ме интересираат Хималаи, поголемите планини, овие над 8000 м. Или некои по технички врвови. Ама ете, не сакајќи, еве со Аконкагва веќе имам три врва. Африка, Европа и Јужна Америка. Сум на пат да ги завршам, со тоа што, тие 4 што ми фалат се сѐ поскапи, поскапи, поскапи. Освен слободното време, мораме да го земеме во предвид финансискиот дел“.

Наведувајќи дека до сега немал никогаш помош од државата и дека со финансиите се снаоѓа самиот, Лазо Миновски рече дека за него е гордост и голема чест што на врвот го вее знамето  на Македонија. 

Додавајќи дека при искачувањето на високите планински врвови не ни размислувам за опасностите, Лазо рече дека адреналинот е негова „професија“.

„Да јас сум, сите ме знаат зависник сум од адреналин, влегувам во такви ситуации каде што некој ќе размисли, јас без размислување си одам. Многу почесто одам сам, дали на возење на велосипед или на планина. И секогаш на сите експедиции идам сам. Сам кога сум се чувствувам многу по безбедно. Психички многу сум по стабилен. Правам работи, каде што ако е некој со мене може да ме кочи и да ми влијае на мојата психа. Лазе не смееме ова да го правиме, Лазе е опасно. Кога одам сам, јас си давам одма задача тоа треба да го направам. И не ни размислувам за опасност.“

Испраќајќи порака до планинарите, Лазо Миновски  нагласи дека треба да се упорни, да вежбаат, да не се плашат од висините, и доколку работат систематски, ако работат дисциплинирано сите врвови за нив ќе бидат достапни.

Зачлени се на нашиот е-билтен