Мисијата на ЕУ во Киев – остануваме храбро, ни ракети не нѐ плашат!

Европската унија нема намера да ја затвори својата делегација во Киев, и покрај тоа што зградата беше нападната и оштетена во руските ракетни напади. Од дипломатски извори во Брисел велат дека се прави проценка колку целосно мисијата може да продолжи со работа, но намерата е операциите да се задржат. Додека трае увидот на штетата, дел од персоналот ќе работи од далечина.

Делегацијата е лоцирана во центарот на украинскиот главен град и, заедно со блиската филијала на Британскиот совет, претрпе оштетувања во една од најнасилните ноќи од почетокот на целосната инвазија во 2022 година. Според украинските власти, кон Украина биле испукани вкупно 629 ракети и дронови, а најмалку 14 лица загинале.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека две ракети експлодирале на помалку од 50 метри од зградата на делегацијата, во интервал од 20 секунди. Таа додаде дека нема повредени меѓу персоналот, иако фотографиите од внатрешноста покажуваат искршени прозорци и урнатини. На прашањето дали ЕУ смета дека делегацијата била цел, портпаролот на Комисијата кратко одговори: „Прашајте ги Русите!“

Шефицата на европската дипломатија Каја Калас разговарала со тимот на терен и го повикала рускиот амбасадор во Брисел на итни консултации, со порака дека ниту една дипломатска мисија не смее да биде цел. И Велика Британија соопшти дека го повикува рускиот амбасадор поради оштетувањето на нивната културна институција.

Нападите предизвикаа остри реакции низ Европа. Францускиот претседател Емануел Макрон на социјалните мрежи порача дека „ова е руската идеја за мир – терор и варварство“, додека шпанскиот премиер Педро Санчес говореше за „ново флагрантно кршење на меѓународното право“. Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул, за време на посетата на Естонија, изјави дека „ова не смее да остане без последици“ и најави дека темата ќе биде разгледана на состаноците на министрите за надворешни и одбрана на ЕУ во Копенхаген, каде се разговара и како Украина да се постави посилно на преговарачката маса.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно побара нови силни санкции против Москва, оценувајќи дека одбивањето на прекин на огнот и континуираните напади покажуваат дека „Русија разбира само сила и притисок“.

И покрај штетата и ризикот, дипломатската порака од Киев останува јасна: делегацијата на ЕУ ќе продолжи да функционира. Првин следи техничка проценка и санација, а потоа враќање на редовниот режим – сигнал до Киев и до Москва дека европското присуство не се повлекува пред ракетни закани.

Зачлени се на нашиот е-билтен