Пратеникот на СДСМ, Јован Митревски, на денешната прес конференција рече дека интерпелацијата во принцип значи барање политичка одговорност а дека овде се зборува за човек од третата власт. ‘Третата власт или судската власт која по Устав треба да биде независна. Тоа од една страна’.
„Од втора страна тоа може но и не мора да има правни последици. Дали ќе има правни последици зависи од самиот обвинител, од самиот функционер. Во овој случај од самиот обвинител, дали ќе поднесе оставка или не. Ако точката на дневен ред беше одлука за разрешување тогаш можеше да отвориме дебата дали сме задоволни или незадоволни од работата на обвинителот, секако низ соодветно пропишана процедура. Процедурата е пропишана во членот 63 став три од Законот за Јавно обвинителство каде јасно стои дека Советот на јавни обвинители мора да даде позитивно мислење за разрешување. Значи тоа не е формално туку е законска обврска. Фактички врз основа на таа дебата, кога би имало точка за разрешување, врз основа на аргументите во таа дебата се носи одлука за или против разрешување на јавниот обвинител“, рече Митревски.
Тој посочи дека и како пратеничка група на СДСМ и како Коалиција остануваат на принципиелниот став дека јавното обвинителство мора да биде независно, ослободено од политичко влијание и притисок и сите одлуки мора да се послобото на законот и никако поинакви.
„Секако во Собрание може да се отворат и други дебати. Може да зборуваме и за конзистентноста во политичките ставови. Знаете дека премиерот Мицкоски зборуваше дека треба да се смени Јавниот обвинител и дека, цитирам, таа процедура е тргната и нема сопирање. После трагичниот настан во Кочани знаете дека има промена на изјавата односно дека нема да има разрешување се додека не заврши истрагата. Со тоа што премиерот Мицковски отиде и чекор понатака кажа дека е задоволен од тоа како се води истрагата. Затоа со ова нивна одлука која што денес ја слушнавме на прес-конференција се отвораат прашања кои се легитими, меѓутоа јавноста за тоа ќе добие одговор во следниот период“, рече Митрески.
Митрески посочи дека сега се поставува прашањето дали премиерот Мицковски е задоволен од истрагата, бидејќи нема одговор до денес, од тогаш кога во истрагата се опфатени началниците на Тошковски.
„Се поставува прашање за целта на ова? Дали во понатамошна постапка, во понатамошен тек е вовед во целосен упад во судството. Се поставува прашање дали заради ова не се донесе Законот за обвинителство кој да потсетам е дел од реформската агенда? Се поставува прашање дали целта е да се донесе на крајот и партиски обвинетел? Или се поставува прашањето дали крајната цел е вовед во целосна партизација на судството? Тоа се легитимни прашања кои ќе се отворат а јавноста ќе добие одговор во следниот период“, рече Митрески.
Тој додаде дека денес на седница не го видел обвинителот Коцевски, и затоа ја користи прес конференцијата да му се обрати директно нему.
„Почитуван обвинител, ние во претходниот мандат сме ви дале доверба заради вашата биографија и искуство. Но еве и ве критикуваме јавно и гласно за одредени постапки. За тоа јавноста е сведок. Вие господине јавен обвинител го водите најголемиот, најтешкиот предмет за најголемата трагедија во поновата историја на Македонија. Тоа е огромна трагедија случај со пожарот во Кочани. Граѓаните, сите ние очекуваме вистинска правда, вистинска а не селективна правда. Затоа господине обвинител од вас зависи дали после гласањето за оваа интерпелација ќе бидете со штитот или на него. Одлуката е ваша. Ние како пратеничка група на СДСМ и коалицијата нема да учествуваме во нешто коешто нема или не мора да има правни последици’, рече Митревски.