Триесет млади фотографи од целиот Западен Балкан, на возраст од 18 до 30 години, преку своите фотографии ја раскажуваат сопствената визија за Европа, интеграциите и иднината.
Изложбата „Стигнавме ли веќе: Кои се патоказите кон ЕУ?“, создадена во рамки на регионален проект инициран од амбасадите на Кралството Холандија во Западен Балкан, ја отвора темата за европските вредности, дезинформациите и критичкиот поглед на младите кон општествените процеси.

Македонските учесници на изложбата се Арбнора Мемети, Ана Ѓорѓиевска, Иво Велчевски, Каја Тасевска и Филип Лафазановски. Проектот е реализиран во соработка со Македонскиот центар за фотографија, а еден од петтемина автори – Ана Ѓорѓиевска, е избрана за патување во Амстердам на неделата на доделување на наградите на светската изложба на новинска фотографија World Press Photo во мај 2026 година




Во продолжение, зборуваат Роберт Јанкулосски, редовен професор на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ и двете учеснички Ана Ѓорѓиевска и Каја Тасевска.
Рацин: Што беше најголемиот предизвик, а што најубавиот момент во реализацијата на оваа регионална изложба која ги спојува младите фотографи од целиот Западен Балкан?
Роберт Јанкулоски:
Оваа изложба е дел од регионалниот проект „Стигнавме ли веќе: Кои се патоказите кон ЕУ?“, кој започна со отворен повик до младите фотографи од регионот. Процесот беше исполнет со предизвици и убави моменти – од селекцијата на македонските финалисти, преку соработката со колеги и институции, до финалниот избор на фотографиите. Најубавиот момент беше поставувањето на изложбата – создавањето на заедничка нарација составена од индивидуалните приказни и визуелните размисли на триесет млади луѓе од шест држави.
Рацин: Изложбата отвора важна тема – начинот на кој младите ја гледаат Европа и ЕУ интеграциите. Какви пораки носат нивните фотографии според вас?
Роберт Јанкулоски:
Ова е искрена изложба – искрено гледање на балканската реалност. Младите фотографи зборуваат за екологија, политика, традиции, култури, желбата за соживот и комуникација. Најважно е тоа што сите тие покажаа дека балканските држави се соочуваат со исти проблеми – но и со исти соништа.

Рацин: Вие често работите со млади автори. Какви тенденции забележувате во новата генерација фотографи во Македонија?
Роберт Јанкулоски:
Новите генерации се движат помеѓу комерцијалното и уметничкото. Дел од нив фотографијата ја гледаат како израз, како потреба да се каже нешто ново. Дигиталните платформи носат брзина, но и површност. Мојата порака до нив е: да бидат креативно агресивни, искрени и упорни – и да ги реализираат проектите до крај.
Рацин: Со каква мисла ја создадовте вашата фотографија?
Ана Ѓорѓиевска:
Ја создадов со желба да опстанат запоставените занаети. Преку лицата што ја претставуваат старата чаршија, сакав да ја прикажам убавината на занаетчиството што полека се губи – да се почувствува тишината на тие улици и истрајноста на оние што сè уште ги чуваат занаетите.

Рацин: Може ли уметноста да биде алатка против дезинформации и лажни наративи?
Ана Ѓорѓиевска:
Апсолутно. Но тоа бара искреност и јасна визија. Фотографијата може да зборува сама за себе, но само ако уметникот ја создава со вистинска намера и чесност кон публиката.

Рацин: Какво беше вашето искуство на онлајн работилницата со холандската фотографка Илви Њиокиктјен?
Ана Ѓорѓиевска:
Беше прекрасно. Илви ни покажа како да ги пренесеме приказните низ фотографиите, како да бидеме автентични и да ја градиме довербата со луѓето пред објективот. Тоа искуство ќе ми биде водилка во иднината.
Рацин: Каја, како вие ја гледате идејата за Европа денес?
Каја Тасевска:
За мене Европа не е место на мапата, туку процес – движење едни кон други. Простор што го учиме, но и простор што нè менува додека се приближуваме кон него.

Рацин: Што сакавте да пренесете со вашата фотографија?
Каја Тасевска:
Сакав да ја уловам тивката истрајност на секојдневието. Цветарот на мојата фотографија е како светилка во темнината – мал универзум што опстанува додека сè околу него се менува. Приказна за корени што не исчезнуваат и покрај транзицијата.
Рацин: Може ли фотографијата да се бори со дезинформациите?
Каја Тасевска:
Да – со својата најпроста сила: сведоштвото. Фотографијата не вика, таа сведочи. Понекогаш вистинската приказна започнува токму со едно искрено, неподготвено кадро.
Рацин: Што научивте од работата со Илви Њиокиктјен?
Каја Тасевска:
Илви внесе јасност. Нè научи дека фотографијата е дијалог, не трофеј – и дека добрата приказна бара трпеливост и искреност кон луѓето пред објективот.

Рацин: Какво значење има за вас тоа што изложбата ќе патува низ целиот регион и што е дел од дијалог за европските вредности?
Каја Тасевска:
Тоа патување е како огледало што се движи. Нè поврзува во момент кога многумина се чувствуваат изолирани, и потсетува дека нашите мали лични приказни заедно создаваат поголема карта на регионот – една што сака да гледа напред.
Изложбата „Стигнавме ли веќе: Кои се патоказите кон ЕУ?“ ќе биде претставена во сите шест земји учеснички. Отворањето во Скопје беше на 6 ноември во Мултимедијалниот центар „Мала станица“.
Проектот е организиран од Амбасадата на Кралството Холандија во соработка со Македонскиот центар за фотографија.