Младите повикаа на безбедни улици, одговорни институции и крај на културата на страв

младите

По повод Меѓународниот ден на жената 8-ми Март, во Скопје се одржа традиционалниот Марш за женски права, на кој граѓани, активисти, млади луѓе и претставници на граѓански организации испратија силна порака за потребата од безбедно, праведно и солидарно општество во кое жените ќе можат да се движат, живеат и работат без страв.

Во рамки на маршот се обрати и Марија Ѓорѓиевска, млада активистка и волонтерка во младинската група на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, која во својот говор ја отвори темата за секојдневните искуства на жените во јавниот простор и нормализацијата на стравот како дел од секојдневието.

„Движејќи се низ градов, често си поставувам едно едноставно прашање: дали сум навистина слободна? Дали кога го забрзувам чекорот по темна улица – тоа е избор или инстинкт? Дали кога ги стискам клучевите меѓу прсти – тоа е навика или подготовка да се одбранам? Овие мали, секојдневни ритуали не се случајни. Во нив се содржи суштината на проблемот – културата на страв што ја нормализираме,“ истакна Ѓорѓиевска.

Во своето обраќање таа посочи дека стравот од насилство, виктимизација и небезбедност не смее да биде дел од нормалната реалност на жените и девојките. Таа нагласи дека правото на безбедност не е лична привилегија, туку основно право кое државата и општеството се должни да го гарантираат.

„Зарем не заслужуваме општество во кое ќе се чувствуваме безбедно? Општество во кое движењето надвор не е чин на храброст, туку загарантирано право? Зарем не заслужуваме град во кој ќе се движиме без да правиме безбедносни стратегии во глава секој пат кога минуваме низ помалку прометна улица?“ порача таа пред присутните.

Младите учесници на маршот упатија и јасен повик до институциите за поголема одговорност, доследно спроведување на законите и конкретни политики за превенција и заштита од родово базирано насилство. Тие нагласија дека секое игнорирање, секој институционален пропуст и секое префрлање на одговорноста значи дека нечии права и нечии животи остануваат незаштитени.

„Бараме одговорност што нема да заврши само со изјава за медиуми. Бараме политики кои нема да завршат како листови хартија во нечија фиока, туку ќе значат реална заштита за секоја една од нас. Бараме промена во начинот на кој општеството гледа на насилството и безбедноста,“ истакна Ѓорѓиевска.

Во говорот беше нагласена и важноста на солидарноста и заедничката одговорност на целото општество во справувањето со насилството и дискриминацијата.

„Сите сме дел од ова општество. Сите сме нечии ќерки, сестри, мајки, баби, другарки, девојки, сопруги, колешки. Бараме солидарност што не трае само еден ден во годината. И сè додека не видиме вистински промени – нема да се повлечеме, нема да се навикнеме и нема да го прифатиме ова безредие што ни се сервира како нормална реалност,“ порача таа.

Маршот беше проследен со пораки за правото на безбедност, достоинство и еднаквост, како и со повик за прекинување на културата на молчење, оправдување и релативизирање на насилството.

„Да прошетаме не само низ улиците, туку и низ тишината што ги штити насилниците, низ рамнодушноста што ги храни неправдите и низ оправдувањата што го тривијализираат насилството. Да го направиме просторот наш – не со страв во чекорите, туку со достоинство во движењето,“ истакна Ѓорѓиевска.

Учесниците на маршот порачаа дека борбата за женски права не е борба за еден ден, туку континуиран процес кој бара гласност, солидарност и институционална одговорност.

„Ова не е марш за еден ден. Ова е борба за секој ден. И ќе бидеме тука – гласни, видливи и непоколебливи. Нема да се повлечеме. Нема да замолчиме. И нема да нè снема,“ порача младата активистка, добивајќи силна поддршка од присутните.

Маршот по повод 8 Март уште еднаш ја потврди важноста на граѓанската мобилизација и на младинскиот активизам во борбата за општество во кое секоја жена ќе може да живее слободно, безбедно и достоинствено.

Марија Ѓорѓиевска е дел од младите активистки кои се авторки на Регионалниот феминистички водич кој утрово беше промовиран во Скопје.

Зачлени се на нашиот е-билтен