Сè поголем дел од храната што ја консумираме е индустриски произведена и „ултра-преработена“ – но ретко размислуваме какво влијание има тоа врз животната средина. Зад секоја шолја какао или шарена бонбона стојат долги синџири на снабдување, огромна потрошувачка на енергија и сериозни последици за планетата – од уништување на шумите до емисија на штетни гасови.

Пример за тоа се познатите M&M бонбони, кои содржат дури 34 состојки, меѓу кои и 13 видови вештачки бои добиени од нафтени деривати и тешки метали како бакар и хром. Зад секоја боја стои сложен индустриски процес – од плантажите со какао во Западна Африка до фабриките во Индија и Кина.
Истражувачите предупредуваат дека ваквиот тип храна не само што е штетен за здравјето, туку има и сериозен еколошки отпечаток. Производството на индустриски состојки бара големи количества енергија, а токму аграрното ширење за потребите на индустријата за слатки е меѓу главните причини за уништување на шумите. Од 1850 година наваму, речиси 90% од глобалната дефорастација е последица на проширување на земјоделството, што придонесува за 30% од емисиите на стакленички гасови.
Научниците бараат системски промени и нови регулативи кои би ја натерале хранбената индустрија да преземе одговорност за својот еколошки отпечаток – бидејќи секоја шарена бонбона има своја невидлива, но скапа цена за планетата.