Вештачката интелигенција во наредните години драстично ќе го промени пазарот на труд, а најпогодени ќе бидат младите, предупреди директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, на завршницата на Светскиот економски форум во Давос.
Според анализите на ММФ, дури 60 проценти од работните места во развиените економии ќе бидат изменети, автоматизирани или целосно укинати поради развојот на вештачката интелигенција, додека на глобално ниво ваквите промени ќе погодат околу 40 проценти од вработувањата.
Георгиева предупреди дека веќе денес, едно од десет работни места во развиените земји е изменето под влијание на новите технологии, што во наредниот период може да доведе до притисок врз платите и несигурност кај младите работници.
„Вештачката интелигенција ќе избрише голем дел од позициите што традиционално ги извршуваат младите. Тоа ќе создаде сериозен предизвик за цели генерации кои штотуку влегуваат на пазарот на труд“, изјави Георгиева.
Таа додаде дека последиците нема да ги почувствуваат само оние чии работни места директно ќе исчезнат, туку и останатите работници, бидејќи платите може да стагнираат или да опаднат доколку продуктивноста не расте со исто темпо.
„Средната класа неминовно ќе биде погодена“, предупреди директорката на ММФ.
Сличен став изнесе и извршниот директор на компанијата за вештачка интелигенција „Антропик“, Дарио Амодеи, кој оцени дека пазарот на труд во период од една до пет години нема да може да се приспособи на експоненцијалниот развој на AI-технологиите.
Тој предупреди дека владите и економските креатори сè уште не ја согледуваат доволно сериозноста на промените што доаѓаат и дека недостигаат сериозни економски анализи за последиците од автоматизацијата.
Од друга страна, директорот на „Гугл Дипмајнд“, Демис Хасабис, посочи дека иако дел од почетните работни позиции ќе исчезнат, ќе се отворат нови, покреативни и поквалитетни работни места.
Според него, вештачката интелигенција може да биде огромна шанса за младите, доколку навреме се стекнат со знаења за работа со новите технологии.
„Совладувањето на алатките на вештачката интелигенција може да биде повредно и од класичните програми за практикантство“, порача Хасабис.